Огромен пех за Македонија – остана без една од најдобрите ракометарки за ЕП!

Женската репрезентација на Македонија ќе биде без услугите на левиот бек Ангела Јанкуловска за претстојното Европско првенство!

Битолчанката играше во одлична форма од стартот на сезоната во дресот на словачката Дунајска Стреда, а имаше одличен настап и на „Трофеј Македонија“, но заработи повреда во ЕХФ Европскиот Куп. Таа ги повреди лигаментите и за неа сезоната е завршена.

„Левиот бек на нашиот тим, Ангела Јанкуловска, која се повреди во реванш натпреварот на домашен терен против Салерно во ЕХФ Европскиот куп, успешно беше оперирана. Ангела ќе го помине викендот во болница, а од понеделник ќе го започне процесот на рехабилитација и долгото закрепнување. За жал, по ваков тип повреда, враќањето на терените обично трае од седум до девет месеци, па Ангела најрано ќе може повторно да го облече дресот на нашиот тим следната сезона“, напишаа од нејзиниот клуб.

Јанкуловска нема да биде на располагање за ЕП 2026, ниту пак за баражот за СП 2027 во април наредната година, па селекторот Игор Марковиќ ќе мора да бара дополнителна солуција на левата бековска позиција.

Македонија ќе биде на собир од понеделник во рамките на ЕХФ неделата, а на ЕП ќе игра со селекциите на Норвешка, Швајцарија и Романија.