Најдобриот млад ракометар за минатата сезона во Ол Стар тимот на 24Ракомет, Димитар Узунчев е на мета на европски великан.
Словенечкиот Целје покажува сериозен интерес за десниот бек на Бутел Скопје и посакува да го види во своите редови.
Целје е на добар пат да стане првак на Словенија, откако славеше во првиот меч од финалната серија на плеј-офот против Слован Љубљана на гостински терен, па доколку овој трансфер се реализира, Узунчев би можел да заигра за шампионски тим.
Узунчев потекнува од Гевгелија, првите ракометни чекори ги направи во родниот град, а беше дел од тимот на „витамините“ од Автокоманда, но вистинската шанса и минутажа ги доби во Бутел Скопје.
Беше дел од кадетската и младинската репрезентација на Македонија и настапи под водство на Раде Стојановиќ на четири големи натпреварувања, од кои последно на СП 2025 во Полска.
Оваа сезона во дресот на Бутел Скопје, Узунчев постигна 134 погодоци на 31 натпревар. Во моментов на десната бековска позиција во Целје играат ветеранот Жига Млакар и надежниот Маи Маргуч.
























