Екипата на Загреб е единствената оваа сезона што нема освоено бодови во Лигата на шампионите и загуби на девет натпревари.
Хрватскиот првак го пречекува македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во последниот меч за оваа година од елитното натпреварување.
Капитенот Јаков Гојун се наврати на досега одиграното.
„Не сакам да кукам, но сега кога ќе подвлечам црта морам да признаам дека неверојатни пехови нe следат цела полусезона. Не памтам кога екипата имала толку повреди, а тоа нe следи од почетокот на сезоната. И на последниот натпревар дојдовме во Сегед, па се разболи Трифковиќ, па се повреди Гавриќ, а сега му се случи и оваа ужасна ситуација на тренерот, кој имаше смртен случај. За жал, ние сме во тешка ситуација по девет одиграни кола и без освоен бод. Верувајте дека нам ни е најтешко. Во Париз играш рамноправно и имаш пенал за израмнување во последната минута, па на крај губиш. Во Плоцк играш рамноправно 55 минути, па на крај губиш. Во Битола играш рамноправно и имаш напад за бод, па на крај губиш. Минатата недела во Сегед играш рамноправно 52 минути, па на крај губиш. Многу е тешко да се поминува низ сето тоа, а јас во мојата последна сезона размислувам и не се сеќавам дали некогаш ми било потешко“, изјави Гојун.
Хрватот кој ја игра последната сезона се осврна и на мечот со Еурофарм Пелистер.
„Што се однесува до Еурофарм Пелистер, сметам дека не се подобар тим од нас, но тие имаат четири бода и тоа треба да се почитува. Верувам дека дојде време и нас малку спортска среќа да не награди и ако го повториме изданието од некои гостински натпревари, сигурен сум дека на крајот ќе се радуваме. Мислам дека оваа екипа заслужува на зимската пауза да отиде барем малку среќна и затоа се надевам и верувам дека ќе победиме во среда“, изјави Гојун.
Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра в среда во „Арена Загреб“ со почеток во 18:45 часот.


























