Куп трофејот ќе има нов сопственик, Ѓорче Петров го елиминира Куманово!

Ракометарките на Ѓорче Петров обезбедија пласман во финалето од Купот на Македонија, откако во полуфиналето го надиграа ланскиот освојувач на Купот, тимот на Куманово, триумфирајќи со 31:14.

Во финалето Ѓорче Петров силите ќе ги одмери со подобриот од дуелот меѓу Вардар и Чаир. Вториот полуфинален дуел е закажан за утре, со почеток од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Двете екипи првиот гол на натпреварот го постигнаа по пет минути игра и во првата половина од првиот дел доста се грешеше на двете страни. Иако Ѓорче Петров по нерешените 1:1 водеше со еден до два гола разлика до 15 минута, составот на Димитријески даваше силен отпор во првиот дел од првото полувреме, посебно во одбраната.

Откако беше 5:3 во 15 минута, избраничките на Симовски конечно успеаја да ја стабилизираат играта во одбраната, ја подобрија реализацијата и дојдоа до изразена предност од 8:3. Куманово во периодот од 11 до 25 минута беше без реализација, а кризата во ланскиот освојувач на Купот беше прекината во 26 минута со голот на Зечевиќ, која намали на 8:4.

Без оглед на скромната ефикасност во првиот дел, тимот на Ѓорче Петров ја оправда улогата на фаворит и на пауза замина со резултатска предност од 11:5. Овие 11 гола на „лавиците“ беа дел на шест различни ракометарки, додека кај Куманово четири ракометарки се запишаа во листата на стрелци во првите 30 минути.

Ѓорче Петров за само седум-осум минути во вториот дел го реши натпреварот, со неколку мини серии во 40 минута дојде до 20:8 и веќе во тој момент си го заври пласманот во финалето. Во преостанатите дваесетина минута малобројната публика во СЦ „Борис Трајковски“ уживаше во убави акции, потези и неколку атрактивни голови и одбрани на голманките.

Најефикасни во победничката екипа со по четири погодоци беа Марија Јанкуловска, Емилијана Ризоска, Анастасија Николовска, Милица Николиќ и Талида Алмеида. Кај Куманово прво име беше црногорската интернационалка Сузана Зечевиќ со пет погодоци.