Репрезентативецот на Јапонија и член на Вардар, Косуке Јасухира, краток период ќе го носи дресот на клубот од Кувајт – Ал Кадсија.
Јапонецот, кој одигра одлично на квалификациите за Олимписките игри во Париз и на својата репрезентација и овозможи билет за големиот настан, со клубот од Кувајт ќе учествува на Азискиот шампионат.
Тоа значи дека средниот бек ќе пропушти неколку суперлигашки натпревари на „црвено-црните“, бидејќи Азискиот шампионат ќе се одржува во периодот од 17 до 26 ноември.
Јасухира ќе биде отсутен околу две недели и нема да настапи на дуелите против екипите на Прилеп и Вардар Неготино.
За потсетување, јапонскиот репрезентативец поради настапите во квалификациите за ОИ, го пропушти дерби дуелот на Вардар со Еурофарм Пелистер во Битола.