Бутел Скопје го совлада Голден Арт со 29-23 во четвртото коло од Супер лигата и сега има две победи и два порази во новата сезона.
Тренерот Горан Кузманоски вели дека притисокот бил присутен на првиот домашен натпревар, па поради стартот не беше според посакуваното.
„Очекував да не почнеме како што треба, бидејќи ова ни беше прв натпревар на домашен терен откако почнавме со сезоната, имаше малку притисок. Сепак знаев дека моите момци ќе се вратат во игра брзо затоа што беа мотивирани. Работевме цела недела, знаевме што треба да одиграме, бевме фокусирани на нашата игра. Игравме добро со Вардар, со Мулти Есенс еве и сега“, вели Кузманоски.
По двата порази, Бутел Скопје врза две победи.
„Не би го нарекол јас тоа лош почеток, туку адаптација. Тоа што го гледам на тренинг, знам дека ќе дојде на натпревар. Треба да подобриме уште некои фази од играта во транзиција, затоа што имаме технички грешки. Одбраната беше добра, добро е што имаме одлични голмани“, продолжи Кузманоски.
Тој вели дека не е тренер што форсира една постава, и дека сите млади ракометари ќе добиваат шанса за игра.
„Во текот на подготовките цело време им давав шанса на младите, двете леви крила, тука имаме и репрезентативци. Ќе играат, и уште ќе играат…јас сум тренер што не игра со една постава и сакам да им давам шанса на сите ракометари. Долго е првенството, но амбициите се да влеземе во плеј-оф. Не чека гостување во Битола кај фаворитот Еурофарм Пелистер, а после тоа ги имаме Вардар Неготино, Пролет, Прилеп…Оваа победа е добра, но треба да бидеме на земја и од утре е нов ден, па ќе се фокусираме на наредните натпревари“, заврши Кузманоски.
Следен предизвик за Бутел Скопје ќе биде гостувањето во Битола кај шампионот Еурофарм Пелистер.