Борзаш: Верувам во добар настап во ЛШ и одбрана на домашната титула

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер вчера означи старт на подготовките за претстојната сезона 2023/24.

На првиот тренинг беа промовираните новите засилувања, од кои тројца се странци.

Меѓу нив ѐ и репрезентативецот на Србија, 23-годишниот Урош Борзаш, кој ги сподели своите први импресии од престојот во Битола и ги истакна своите очекувања за настапот во Лигата на шампионите.

„Овде стигнав пред два дена и ми се допаѓа градот и како луѓето тука уживаат во убавото време. Слушнав дека Битола го сака ракометот, погледнав некои натпревари каде навивачите се неверојатни и тоа ми претставува мотив да заиграм пред нив. Ќе се обидеме да оствариме добар резултат во Лигата на шампионите и да ја одбраниме домашната титула. За мене настапот со Елверум во Лигата на шампионите значеше едно големо искуство и сакам тоа искуство да го пренесам тука, да им помогнам на соиграчите и на екипата во било кој сегмент. Би се радувал ако ја поминеме групната фаза и зошто да не победиме некоја поголема екипа во осминафиналето. Вие Македонците сте фанатици кога ракометот е во прашање. Во Србија е малку поразлично, секако, луѓето го сакаат ракометот, но не како вие. Ќе ми биде чест и задоволство да играм пред битолската публика. Ќе го дадам својот максимум да ги оправдам очекувањата“, изјави Борзаш.

Српскиот репрезентативец освен за Елверум настапуваше и за Тулуз, Татабања и Веспрем.

Еве ги новите лица на Еурофарм Пелистер, се очекуваат уште засилувања