Краков, 14 јануари. Денот после пораз е најтежок за работа, дефинитивно! Колку и да е односот на силите јасен и поразот „очекуван“ или, ајде поблаго – не е изненадување, секогаш треба малку време да помине за да се „свари“ ситуацијата, посебно кога станува збор за македонската репрезентација на големите натпреварувања.
Три пати го почнувам и го продолжувам текстот денеска. Пет пати свртев круг околу замокот и катедралата, што намерно, што залутано…Среќа што најубавиот дел од Краков ми е во соседство, па може човек на пола саат да тркне на кафе. Така и налетав на дел од нашите ракометари денеска излезени да фатат сонце на слободниот ден и и тие малку да разбистрат глави. Додека ја овековечуваме случајната средба, ми пролетува мислата дека и јас би ја селектирала токму оваа „постава“ за дружба.
И додека се поздравуваме со нашите ракометари, случајно се појавува и македонскиот амбасадор во Полска, Илија Псалтиров. Веднаш станува да ги поздрави и да им посака на ракометарите повеќе среќа во наредните два меча.
Веднаш до нашата маса, во многу поведро и поопуштено расположение, се сместува целото раководство на црногорската федерација. Ги сумираат првите впечатоци од мундијалот и тука таму како што ќе помине некој од нивните играчи, претседателот станува да го прегрне и да го викне да им се придружи. Спонтано и симпатично. Исто како лани во Дебрецин.
Симпатични ми се Црногорците со нивната спонтаност и едноставност. Да не ги знаеш, оди па препознај дека едниот е втор човек во ЕХФ, другиот претседател на федерација, третиот помошник на селекторот…додека онака расположено и неформално гласно дебатираат, се шегуваат со играчите и им прават место да седнат.
„Плукнати ние некогаш“, пак коментираме со насмевка со колегите.
Некогаш бре луѓе, барем во првите натпревари нагазувавме, ќе изненадевме некој од фаворитите, ќе се кренеше еуфорија, ќе се израдуваа навивачите, па ќе тргнеа да ја бодрат Македонија и тие што не планирале… Ќе се направеше атмосфера, да ти е мерак да играш, да пишуваш, да навиваш. Не знаеш каде побрзо да стигнеш. Не стемнуваше и не разденуваше во фан зоната…
На последниве три првенства, отиде надолу и таа „традиција“ или некој позитивен тренд што се градеше со години. Нема победи. Ни на почеток ни на крај да се израдува човек! Македонските навивачи се уште се држат, се организираат, патуваат, ја бодрат македонската репрезентација и секаде се симпатично препознатливи со својата бучност и колорит.
Да се вратам пак на вчерашната вечер…
Пристигнаа неколку стотици македонски навивачи и во Краков, се собраа вчера на загревање во фан зоната. Илjадниците поминати километри не ги уморија, држи форма „фалангата“. Пееја и ги бодреа ракометарите и на премиерата во „Таурон Арена“. Се крена надежта и атмосферата на оние 9-9…Но, после како што паѓаше играта на нашите, спласна и атмосферата на трибините. Навиваат нашите, ама нема на што многу да се радуваат. Па, дури и македонската фан зона синоќа по натпреварот, наместо да ечи во вообичаениот ритам, едвај ја најдовме онака празна и „завиена во мрак“.
Тука и таму ќе чуеш по некој од нашите. Некои коментираат за натпреварот со Норвешка, други се препуштаат на краковската ноќ во петок навечер.
Новинарите вообичаено последни ја напуштаат салата, додека ги средуваат извештаите, изјавите, впечатоците. И го фаќаат полноќниот трамвај. После „канџата“ и маката за паркинг, сфативме сепак, дека „Червени Маки“ (така се вика линијата) ни е многу поедноставна варијанта. Маки си е Маки, уште па и „червени“, се шегуваме чекајќи го превозот. Краковскиот трамвај асоцира на стариот ген-сек, а и тамам е за 12 станици уште еднаш темелно да се простудира и играта и тактиката и изјавите и ветувањата…
Да бидам искрена, до последно верував и уште помалку верувам, дека лошата одбрана на подготовките во Хрватска е некоја скриена тактика, дека Јоно „ќе уфрли во втора“ и ќе ги стегне редовите. Арно ама, против Норвешка, отиде одбраната пак во лер. На два-три пати, нашите нови надежи наместо да ги сопрат им отвораа пролази на Сагосен и Рајнкинд и ги гледаа како не решетаат, како да се збуниле во лекцијата, што беше за напад, а што за одбрана! Селекторот додуша, вели дека одбраната не била лоша (и покрај 39-те гола), оти нападот со 17 технички бил уште полош. Објасни нешто селекторот и зошто Македонија на првиот меч играше со четворица пикери и со само едно лево крило…
Ете, атер на тактиката го „откривме“ Костадин Петров на 30 години, оти лани отседе неоткриен на трибини додека Симоновски добиваше поголема доверба. Нас секако баражите и квалификациите ни се за „подвизи“ за да се пласираме, а првенствата ни се за „откритија“ и за собирање искуство. Уште два-три циклуси, кој знае што се ќе откриеме! Туку, на Аљуш фала да му кажете оти тој ги „откри“ и ги стокми во Исланд и Коки и Томи.
Битно, откривме конечно и што е поставено како цел на ова светско. Селекторот по мечот посочи дека „знаеме што ни е таргетот“.
„А, што ви е таргетот?“ – праша новинарот од ЕХФ.
„Да ги победиме Холандија и Аргентина“ – одговори Лазаров „на втора“.
Навивам од срце да ја оствариме целта и да здивнеме малку. Оти, неостварена цел пак друго повлекува…
Како беше онаа народната – Мил ми е Кире Лазаров, ама помила ми е Македонија!