Ѓукиќ: Македонија игра модерен и гледлив ракомет

Машката репрезентација на Македонија славеше против Израел во последната контрола пред СП со 38-37, а упорниот ривал во финишот можеше да дојде и до реми.

На клупата на Израелците седи искусниот и квалитетен стратег, Драган Ѓукиќ, кој дел од кариерата мина и во Вардар и на клупата на Македонија.

Тој вели дека натпреварот против Македонија, неговата селекција го искористи за што подобра подготовка за следните предизвици.

„Бев дел од македонскиот ракомет и заедно градевме нешто. Среќен сум што го гледам македонскиот ракомет во оваа позиција. Со многу млади играчи со големо интересирање, со постојано учество на големите натпреварувања и навистина респект за се што се работи. Израелската репрезентација секогаш е блиску со Македонија, некако двете селекции се блиску и по менталитет. Вечерва бевме помотивирани од Македонија, која веќе мисли на Светското првенство. За нас беше добро да играме со добра екипа. Повторно имаше многу голови, со многу темпо и многу трчање. За нас беше добра проба, за продолжување на квалификациите. За Израел ова е добра подготовка особено што играме со две репрезентации кои играат на Светско првенство тоа е привилегија за нас. Мислам дека за љубителите на ракометот ова беше убав натпревар со акции и со голови, а за тренерите за анализа и за работа“, вели Ѓукиќ.

Поранешниот наш селектор смета дека новата генерација на Македонија игра различно од претходната.

„Најдобра школа е таа што носи резултати. Ние не треба да играме скандинавски ракомет, колку и да се трудиме. Но, некои работи кои македонската репрезентација ги игра денеска е затоа што тоа го може, претходно играше таков ракомет затоа што имаше таков состав. Оваа денешната генерација треба да бара во темпо играта, во транзиција, во подобра одбрана, во враќање во одбрана, во борбеност, претходната генерација имаше тактички решенија, индивидуален квалитет“, продолжи Ѓукиќ.

Македонија за ова СП смета само на тројца интернационалци, а сите други играат во домашниот шампионат.

„Низ натпреварувањата се создаваат играчите. Моделот кој е во Македонија е добар, Алкалоид станува трет центар, со силни Вардар и Еурофарм Пелистер, порано Металург. Кога бев тренер на Вардар, дури 14 играчи кои беа во репрезентација доаѓаа од Вардар и дополнително од странство беа само Кире Лазаров и Лазе Мајнов од Загреб“, продолжи Ѓукиќ.

Српскиот стратег смета дека важно е што Македонија постојано е присутна на големата сцена и игра на ЕП и СП.

„Секогаш создавање на екипата е процес она што е важно, ние од Балканот секогаш го сакаме најдоброто. Важно е дека Македонија е постојано на големи натпреварувања, ја исфрли Чешка во баражот еве веќе и во квалификациите за ЕП има речиси обезбедено учество на следното натпреварување. Јас во Македонија бев во 2003 и 2004 година овие играчи кои сега ги завршија кариерите моравме да ги чекаме. Мене ми се допаѓа тоа што во Македонија се вложува во ракометот, публиката секогаш ги бодри играчите, а доаѓа еден бран на млади играчи. Лигата е добра ии интресесна. Покрај Хрватска која е лидер во регионот и селекциите на Словенија, Србија и Црна Гора добро е што Македонија има континуитет на учество на големите натпреварувања“, продолжи Ѓукиќ.

Тој вели дека резултати од оваа генерација треба да се бараат по 2025 година.

„Видовте и сами дека многу репрезентации во предолимписка година прават промена на генерација. И Хрватска има млада репрезентација. Прашање е дали ќе биде добро за нивните амбиции. Но, за натпреварување по 2025 Македонија ќе има подготвена репрезентација која тогаш ќе има резултати. Играчите треба да играат и во екипите, не само во репрезентација за да не дојде до фрустрации дека секогаш ќе има посилни репрезентации, на големите натпреварувања. Потребни се повеќе натпревари за играчите. Овој ракомет кој го игра македонската репрезентација е модерен, гледлив, за екипата која Македонија во моментов ја има“, продолжи Ѓукиќ.

Селекторот на Израел вели дека со Митревски и Талески, Македонија ќе биде уште подобра.

„На Европското првенството 2018 кога играа Македонија и Црна Гора, тогаш никој не веруваше во него, но сега е веќе зрел играч, ја носи својата екипа во полна зрелост – Филип Кузмановски. Тука се уште и крилата Гоце (Георгиевски), Деки (Манасков), Жаре (Пешевски) на линија со Митревски и Талески веќе е друга екипа. Кузмановски да биде здрав, секој национален тим го би го посакал, тој може да игра во два прваца“, заврши Ѓукиќ.

Македонија настапот на СП го започнува на 13 јануари против Норвешка, а во групата се уште Аргентина и Холандија.