Голот на хрватската репрезентација на престојното Светско првенство ќе го бранат двајца искусни по години голмани и еден млад. Најискусен од таа тројка е Мате Шуњиќ, единствениот кој настапува во странство.
35-годишниот Шуњиќ покрај ракометот беше успешен и во образованието, па така во јуни 2020 година се здоби и со титулата магистер по математички науки откако дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Загреб.
Уште од основното училиште имал исклучителни резултати на натпреварите по математика на државно ниво. Дека ќе студира математика решил на почетокот од средното образование, а во гимназија просекот на оценки му бил 5,0.
Ракометната кариера на Шуњиќ почнала во родниот Метковиќ (во истоимениот клуб), за потоа да мине во Медвешчак од Загреб, а подоцна и во Нексе од каде заминува во странство (Франција) во Кретеј, а сега е на голот на Иври. Интересно е и тоа што кога клубот испаднал во Втора лига не ја напуштил Франција и клубот.
За време на студиите во Загреб, некои професори знаеле да го ослободат од часови за да стигне на тренинг, а некогаш и Медвешчак ги одложувал натпреварите кога Мате не бил во можност да брани поради обврски со учењето. Разбирање имало од двете страни.
„Чест и задоволство е да се носи дресот на репрезентацијата. Ова е прекрасна репрезентација со одлична атмосфера. Мора добро да се подготвивме, дека ова е многу важно натпреварување, а Хрватска секогаш сака да постигне голем резултат, изјави Мате Шуњиќ за „Вечерњи Лист“.
Шуњиќ како дел од кадетската репрезентација има бронза од СП 2005 година во Катар, заедно со Домагој Дувњак, Иван Чупиќ, Марко Копљар…Со сениорите има злато од Медитеранските игри во Тарагона 2008 година, а на претходното СП настапи на два натпревара, додека лани имаше настап на три натпревари на ЕП (најдобриот против Србија), но потоа поради позитивен тест, не можеше да брани на сите натпревари на хрватската репрезентација.