Ракометарите на Куманово на гостувањето во Богданци кај Младост остварија важна победа, 29:35 (15:15), и се наоѓаат на чекор до директен пласман во Суперлигата.
Кумановци во прволигашкиот плеј-оф дојдоа до петтото место со 28 бода, ист број на бодови има и Вардар Неготино, кој е на 4 место на табелата со натпревар помалку, додека екипата на Аеродром, која е моментално на 6 место, на свое конто има 26 бода, но и натпревар помалку.
Токму последните две кола ќе одлучуваат за разврската за 4,5 и 6 место на табелата. За потсетување, екипите кои ќе се пласираат од првото, па сѐ до петтото место, обезбедуваат директен пласман во Суперлигата.
Шестото место во прволигашкиот плеј-оф носи можност за борба за елитата. Екипата што ќе заврши на оваа позиција ќе игра бараж натпревар во првиот викенд од јуни со последно пласираната екипа од суперлигашкиот плеј-аут. Сигурен пласман во Суперлигата обезбедија екипите на Алкалоид, Голден Арт и Јуниор КВ.