Ракометарите на Бутел во полуфиналето од Купот на Македонија беа поразени од Еурофарм Пелистер со 25:21.
Бутелци, кои учествуваат по третпат на завршницата од Купот на Македонија, не успеаја да се изборат за прво финале бидејќи против себе го имаа поквалитетниот и поискусниот тим од Битола.
Голманот на екипата од Бутел, Градимир Чаневски, смета дека за вакви натпревари потребно е повеќе искуство, а според него, клучната разлика била направена во првото полувреме кога Еурофарм Пелистер започна да ја гради својата предност.
„Мислам дека во првото полувреме влеговме со мал грч и тука противникот направи една разлика. Во второто полувреме одигравме одлично, се опуштија играчите и покажавме дека знаеме да играме ракомет. Им честитам на Еурофарм Пелистер за победата и обезбедениот пласман во финалето. Можеби за вакви натпревари недостасува искуство бидејќи се понеизвесни, тоа ќе го имаме во предвид за наредната година“, изјави Чаневски.
Еурофарм Пелистер преку Бутел до двобоj со Вардар за Куп трофеj