Мелиќ: Eурофарм Пелистер добро се спреми за нас, со квалитетот сме тука некаде

Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија на гостувањето кај хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице со 29-26 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на Европа.

Во Нексе и очекувале тврд натпревар како и што беше случај, а ракометарот Фахрудин Мелиќ истакна и дека двете екипи се тука некаде со квалитетот

„Тврд натпревар, така и очекувавме да биде, посебно после Загреб каде што малку се истрошивме, честитки до екипата се боревме лавовски исто како и против Загреб. Три разлика против ваква екипа која многу добро се спреми за нас, со квалитетот сме тука некаде. Одиме понатаму, да видиме каде грешевме и да се спремиме за вториот натпревар“.

Нексе во овој натпревар влезе после тешката победа против Загреб во домашното првенство, но слична беше ситуацијата и со Еурофарм Пелистер кој играше против Вардар.

„И тие имаа тежок натпревар против Вардар, знаеме дека е тешко, но ова е наша работа. Незгоден беше натпреварот, како што кажав, главата горе и одиме во Македонија да го обезбедиме пласманот понатаму. Публиката беше фантастична, немам зборови“, изјави Мелиќ.

Реваншот во Битола во кој „пелистерци“ ќе бркаат негатива се игра на 5-ти април.