Мораеш: Кога ја освоивме првата ЛШ со Вардар, телефонот ми се „запали“

Репрезентативецот на Бразил, Рожерио Мораеш со екипата на Веспрем се бори за нов пласман на Ф4 турнирот во Келн, а зад себе веќе има две титули со тимот на Вардар. Тој пристигна меѓу „црвено-црните“ во 2016 година и одигра три сезони за актуелниот шампион на Македонија.

Бразилецот во интервју за ЕХФ зборуваше и за своето искуство поминато во клубот од Скопје. Тој успеа со Вардар да ги освои двете титули во Лигата на шампионите во сезоните 2016/2017 и 2018/2019.

„Мојот пат ме водеше до Скопје. Потпишав за Вардар во 2016 година и една година подоцна, ја освоивме Лигата на Шампионите. Јас одржував контакт со моите пријатели од Бразил, со кои започнав да играм ракомет, и кога го вклучив телефонот откако победивме во финалето, групата со нив едноставно се запали. Тоа беа голем број пораки со честитки и некои од нив едноставно ме натераа да бидам емотивен.’Еј, Рожерио, се сеќаваш кога гледавме ракометни видеа на Јутјуб? Ти само што ги победи тие момци и го освоивте најголемиот трофеј што постои’. Јас само зјапав во екранот неколку минути и потоа тоа потона во мене. Сега јас сум на врвот на светот. Јас сум со најдобрите, откако неколку години наназад не бев ни професионалец во Абаететуба. Колку неверојатно чувство. Да замислам дека сум таму кај што сум, кога ракометот беше само хоби. Јас сум навистина среќно момче”, изјави Мораеш.

Искусниот пикер додаде дека освојувањето на шампионскиот пехар во Лигата на шампионите со Вардар е посебно чувство во неговиот живот.

„Освојувањето на Лигата на шампионите беше посебно чувство, едно од најдобрите кои сум ги почувствувал во целиот мој живот. Дури направив и тетоважа од датумот кога го освоив трофејот. Таа е една од многу тетоважи кои ги имам, вклучувајќи ја и годината од моето раѓање со римски броеви”, заврши Мораеш.

Рожерио Мораеш од Вардар се пресели во шампионот на Унгарија, Веспрем. Со овој тим нема стигнато до трофеј во Лигата на шампионите, а се бори за пласман на Ф4 турнирот и го очекува реванш против составот на Нант.