Чешка и Македонија одиграа реми (24:24) во Злин во првиот натпревар во баражот за Светското првенство. Од ова реми повеќе задоволни сигурно ќе бидат Чесите затоа што Македонија во второто полувреме водеше и со седум голови разлика.
Еден од најмладите ракометари во таборот на Чешка, Матијас Чолева верува дека неговата репрезентација во Скопје може до резултат кој ќе и донесе пласман на СП.
„Натпреварот беше тежок, губевме и со седум гола разлика на почетокот на второто полувреме, но за среќа на крајот успеавме да се вратиме во натпреварот. Во Скопје очекувам да победиме и да се пласираме на Светското првенство“, изјави Чолева.
Младиот ракометар истакна дека на почетокот бил малку нервозен, но тоа поминувало како што одминувале минутите.
„Дефинитивно бев нервозен на почетокот, но колку што повеќе бев на теренот така нервозата поминуваше. Среќен бев што на крајот стигнавме до нерешен резултат“, истакна репрезентативецот на Чешка.
Реваншот во Скопје се игра в недела од 19:00 часот.