По нецели две години Македонија треба да добие нов селектор на женската сениорска репрезентација. Актуелниот, Љубомир Савевски веројатно ќе го одржи ветувањето дадено пред ракометарките и двомечот со Украина, а кое за 24Ракомет го потврдија дел од ракометарките. На репрезентативките неколкупати за време на подготовките јавно им најавил дека ќе замине од функцијата ако не успее да се пласираме на СП 2023.
Дури и пред овој двомеч со Украина, селекторот на сите женски репрезентации самиот најави дека „ќе превземе одговорност ако нема напредок“. Двапати бевме поразени од Украина, и дома и на гости. По 14 години пауза и без клупски ангажаман РФМ го врати Савевски на сцената и му даде шанса да ја води женската репрезентација.
Под водство на Савевски трипати бевме поразени на ЕП 2022, а најавивме „еден скалп“ и се фрливме на мечот со Романија. Шестпати поразени, по два од Словенија, Црна Гора и Норвешка, пред ЕП. Па и два порази на пријателски средби од Б репрезентацијата на Норвешка, и два од Турција. Нарушена атмосфера во репрезентацијата, чести несогласувања со играчите и стручниот штаб, и со дел од клубовите од каде доаѓаат ракометарките.
Освен неуспехот, проблем во селекторувањето на Савевски е немањето на Мастер коуч лиценца која е потребна за да може да води репрезентација. Сега во „пет до 12“ го спасија со назначувањето на Александар Петровски за спортски директор кој ја има потребната лиценца.
Летово има две ЕП во младински категории, а лиценцата повторно е проблем. Некој ќе треба да го покрива на клупата, доколку РФМ реши да не прави промени, односно да не ја прифати неговата најава за заминување. Савевски во Македонија е лиценциран како тренер во машкиот тим на Алкалоид, и истовремено спортски директор во истиот клуб. А е селектор на жени.
Сакајќи да смени нешто, но тоа да не биде самиот тој, по ЕП во ноември лани каде бевме домаќини, „телефонски“ и без објаснување го смени дотогашниот стручен штаб и неговите први помошници, и реши да повика други тренери, исто така без образложение иобјаснување. Но, ниту тоа не донесе успех, и Македонија остана беа очекуваното и посакувано место на Мундијалот иако во репрезентацијата се вратија некои од повредите играчи.
Украина се сметаше за репрезентација со која можеме да играме, а во прилог ни одеше и тоа што реваншот го игравме на неутрален терен поради воениот конфликт кај нив.
Извештајот за двомечот со Украина и „посочувањето на виновникот“ веројатно на дневен ред на УО ќе дојде „за некој месец“, како што претходната анализа од ЕП 2022 одиграно во ноември се прочита на почетокот на април на затворена седница на УО на РФМ. Немаше ниту дискусија ниту пак одговорност, дали постигнатиот резултат е успех или не.
Со оглед дека во РФМ, најчесто работите завршуваат со „спогодбено заминување“, можно е сега вака да заврши селекторувањето на Савевски.