Јуниор КВ собра цел плен од Гостивар

Екипата на Јуниор КВ, која обезбеди камбек во Суперлигата за следната сезона, на гостувањето во Гостивар забележа рутинска победа над Јехона, со резултат 26:42, во натпревар од 9.коло во плеј-оф фазата од Првата лига.

Гостите уште од самиот старт имаа резултатска предност и во ниту еден момент не дозволија домаќинот да има шанса за изненадување. Гостинскиот состав од Кисела Вода поведе со 1:4 во воведниот дел, на моменти имаше пет-шест гола разлика, но домаќините во првите 30 минути, предводени од најекспонираниот, Селмани, успеаја да намалат дел од резултатската негатива и да се изборат за минус три на полувреме, 13:16.

Јехона на почетокот на второто полувреме намали на минус два, 14:16 и имаше уште неколку шанси за камбек. Поискусната екипа со два гола во низа се одлепи на 14:18 и од тој момент започна повторно да ја зголемува својата предност. Во 40 минута, резултатот беше, 17:25, во корист за Јуниор КВ, додека последниот период од натпреварот мина во доминантната игра на гостите, кои од минута во минута ја градеа убедливата победа.

Најефикасни во победничката екипа беа Филип Димевски со осум и Андреј Крстевски со седум погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Алтин Селмани со седум и Стефан Бошковски со шест реализации.