Јовиќ прозиваше, Еурофарм Пелистер 2 се врати во погон

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 денес во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола ги започна подготовките за вториот дел на сезоната.

Александар Јовиќ на располагање има 17 ракометари, со кои ќе работи во првата фаза од подготовките. Петар Атанасијевиќ е дел од македонската репрезентација која ќе настапи на Светското првенство во Полска и Шведска, а Василије Печурица има обврски со младинската селекција на Црна Гора.

За разлика од есенскиот ростер Еурофарм Пелистер 2 ќе биде послаб за Дејан Кукуловски кој го спогодбено го напушти клубот и потпиша за Брно.

За време на подготовките, кои целосно ќе ги мине во Битола, екипата ќе тестира со Еурофарм Пелистер, а предвидено е да одигра и еден меѓународен натпревар.

Трета година по ред Еурофарм Пелистер 2, иако е најмлад суперлигаш, ќе игра во плеј-офот, во борбата за титулата и европските места.