Бутел двапати не успеа да ги победи тимовите од Битола, па откако минатото коло загуби од Еурофарм Пелистер, сега загуби и од вториот тим, Еурофарм Пелистер 2, со 24-23 (9-13).
За битолчани ова се првите бодови во плејофот, и сега имаат вкупно 4 по одиграни два натпревари, а Бутел останува на едниот бод што го пренесе од регуларниот дел од сезоната.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ ги сподели своите впечатоци по победата над Бутел.
„Ова е трета сезона во која Еурофарм Пелистер 2 настапува со различни ростери и мислам дека на крајот таа борбеност и упорност се исплати со победа над апсолутниот фаворит Бутел. Реално, ние на бековски позиции имаме мал простор, сега после заминувањето на Филип Арсеновски останавме само со еден пикер, Самоил Ристевски, кој е генерација 2006, но мислам дека денеска Ристевски феноменално одговори во два правци и мислам дека само на вакви натпревари може да се стане играч. Натпреварот беше динамичен, тимот на Бутел го краси играта во одбраната, долги години се заедно, воиграни се многу, имаат одличен пикер, ние се подготвувавме да го задржиме пикерот колку што можевме и мислам дека е позитивно што од минус пет-шест гола негатива се вративме на крај и победивме”, изјави Јовиќ.
Стратегот на вториот битолски тим истакна дека клучниот фактор за победата над Бутел била храбрата игра во финишот од дуелот.
„Наша цел е да ги исправаме тие недостатоци на играчите како развоен клуб, ние не се подготвуваме тактички за екипи, ние работиме цело време, елементи во одбрана, елементи за напад…Денес, имавме мал проблем на 5-1 одбрана, реагиравме, нападнавме неколку напади 7 на 6, погодивме, одигравме добра одбрана, голманот забележа неколку интервенции и победивме. Цело време потенцирав играчите да играат храбро и мислам дека одигравме храбро, посебно во тие клучни елементи, и храбрата игра ни донесе да се радуваме”, заврши Јовиќ.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 во следното, 3. коло од плеј-оф фазата ќе играат против првиот тим, кој денес во Битола славеше во дуелот против Алкалоид.
Еве ја инфаркт завршницата во Бутел – Митревски е битолскиот херој! (ВИДЕО)