Јанеска и Гакидова во елемент, Коњалти реди победи

Репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска, и екс ракометарката на Металург и Вардар, Ивана Гакидова, заедно со екипата на Коњалти беа убедливи против Анадолу Универзитет со 28:17, во натпревар од 14. коло од шампионатот на Турција.

Двете ракометарки од Македонија одиграа голема улога во победата на нивниот тим. Јанеска, која на сите натпревари е меѓу најефикасните стрелци, ја потврди добрата форма од минатата сезона и на овој дуел запиша шест погодоци.

Покрај добрата игра во нападот, Јанеска одигра одлично и во одбраната. Кружниот напаѓач, Гакидова, во мрежата на противникот запиша три погодоци. Македонките имаа и по две исклучувања, но тоа не се одрази врз резултатот.

Коњалти со новите освоени бодови останува во игра за шампионската титула. Актуелен лидер во турскиот шампионат е екипата на Јаликавак со 24 бодови, додека Коњалти се наоѓа на второто место со 21 бод, исто толку бодови има и третопласираниот состав на Измир, кој има натпревар помалку.