Европскиот шампион Ѓер со победа се враќа од гостувањето кај Брест Бретањ, 28-29 и многу веројатно ќе заврши на првото место во групата 2 од главната рунда во Лигата на шампионите.
Францускиот тим отвори со 5-2, ја одржуваше разликата против европскиот шампион долго време, но во финишот на полувремето Ѓер стигна до реми, 14-14. Сепак за водство на Брест на пауза се погрижи Кобилинска со голот за 15-14.
Во вториот дел избраничките на Габор Дани стигнаа до предност, 20-21, но домаќинките не се откажаа и возвратија со серија од пет голови за 25-21. Ниту тоа не беше доволно за да имаат мирна завршница.
Ѓер преку Братсет и Аморим пак направи пресврт поведе со 27-29, Брест намали преку Грос на минус еден, но Гулден потоа промаши и немаше време за нешто повеќе, па мечот заврши 28-29.
Најдобри стрелци кај европскиот првак беа Кристијансен со девет голови, како и Фалувеги и Куртовиќ со по четири, додека во Брест се истакнаа Грос и Фопа со по седум погодоци.