Шампионот „запали“ мотори, ќе се тренира во Битола и Маврово (ФОТО)

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер денес означи старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона 2023/24. На првиот тренинг присуствуваа сите ракометари кои останаа од минатогодишниот состав, како и новите членови.

Нови ракометари во тимот на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски се Урош Борзаш од Елверум, Нејц Цехте од ГОГ, Андреас Нилсен од Морс и босанскиот интернационалец Павле Петровиќ од вториот тим.

Од клубот си заминаа Гоце Ојлески, Себастијан Хенеберг, Мартин Велковски, Милорад Кукоски, Усама Хосни, Мохамед Суси и Мирко Радовиќ.

Според претходно изготвен план и програма, екипата првата фаза од подготовки ќе ги реализира во Маврово, со комбинирани тренинзи во сала, фитнес сала и на отворено.

Пелистерци во Маврово ќе останат до 1 август, а потоа тренинзите ќе продолжат во Битола и во спортската сала  „Боро Чурлевски“ ќе тренираат до настапите на турнирите.

Еурофарм Пелистер пред почетокот на сезоната ќе настапи на два турнири, најпрво во босанскиот град Добој, потоа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ во Охрид.