Хрватската репрезентација со многу проблеми и висок пораз од Египет го почна Мундијалот, а убедливата победа над САД само малку ја подобри атмосферата.
Секој настап на играчите е „под лупа“, па така избраниците на Хрвоје Хорват во анализите на поранешните репрезентативци Петар Метличиќ и Горан Шпрем беа со многу критика.
,,Загрижен сум за Циндриќ, резервиран е, не изгледа добро. Не е тој вистинскиот Циндриќ. Не го дава тоа што се очекува од него, се труди, но … На неколку натпреварувања изгледа навистина чудно. Но, не е играчот што игра во клубот. Имаше некои блесоци, но недоволно”, изјави Метличиќ.
На оваа констатација се надоврза и Шпрем.
,,Имам исто мислење со Метлилиќ. И на подготовките на „Кроација купот“ не беше вистинскиот. Циндриќ е „играчиште“ кој игра во Барселона и освојува Лига на шампиони и ја носи екипата. Не знам што е, дали се штеди или не фатил ритам. За голем резултат Циндриќ ни е потребен. Тој со Карачиќ и Дувњак треба да се носители. Циндриќ е играч од кој очекуваш многу повеќе. Далеку од тоа дека е лош, но сите очекуваат да игра уште подобро”, истакна Шпрем.
Хрватска има обезбедено пласман во следната фаза, но доколку не ја подобрат играта ќе бидат далеку од четвртфиналето и евентуалните олимписки квалификации.
Вечерва во рамки на последното коло од групата Хрватска од 20:30 часот игра против Мароко.