„Хрватскиот Хансен“ потврди: Ќе играм за Романија!

Поранешниот ракометар на Вардар, Анте Кудуз, кој сега настапува во романскиот шампион, Динамo Букурешт, во изјава за хрватскиот портал „Глас Славоније“ потврди дека во иднина ќе настапува за репрезентацијата на Романија.

Во романските медиуми веќе извесен период се пишуваше дека екс ракометарот на „црвено-црните“, заедно со неговиот соиграч од Динамо Букурешт, иранскиот голман, Саид Хејдарирад, ќе добијат романско државјанство, со цел романскиот шампион да нема проблеми со правилото во домашното првенство кое ги обврзува машките тимови во Романија да имаат моментално двајца романски играчи на теренот од 8-те задолжителни за игра.

„Да, постои можност. Одлуката е веќе донесена. Ќе играм за Романија!“, коментираше Кудуз за „Глас Славоније“.

Ракометарот од Хрватска не добиваше шанса во репрезентацијата на неговата татковина, иако, покажуваше солидни партии на клупско ниво. Левиот бек учествуваше во квалификациските натпревари за Европското првенство во 2020, беше на поширокиот список за учество на континенталниот собир во споменатата година, но, никогаш не доби вистинска прилика да го покаже својот потенцијал во дресот на „коцкестите“.

„Од една страна, жал ми е што желбата остана неостварена. Од друга страна е фактот што не ја добив вистинската прилика, така што од таа страна нема за што да жалам. Ја почитувам секоја донесена одлука, но во овие три години секако имаше можности да добијам уште неколку шанси во репрезентацијата“, додаде Кудуз за „Глас Славоније“.

Екс ракометар на Вардар ќе добие романски пасош!