Ф4 за пионери – Куманово: Наша цел е да освоиме медал

Во пресрет на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција што во недела ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, редакцијата на 24ракомет подготви серија на мини разговори со тренереите на сите екипи. Ќе дознаеме за нивните амбиции, очекувања, што размислуваат за ривалите, како да се подобри квалитетот во пионерската лига. Миодраг Јовановски - Црни е тренерот на екипата на Куманово.

Куманово сезонава повторно се врати во машката Супер лига потврдувајќи дека градот од каде доаѓа првиот освојувач на Купот на Македонија е навистина ракометен град. Не само што сениорите се стабилен клуб од средината на табелата, пионерите покажаа сезонава дека тие се иднината на Куманово, и дека имаат талентирана генерација. Во полуфиналето на Ф4 турнирот во пионерска конкуренција во недела екипата на Куманово во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ ќе игра со Аеродром, тимот што ја доби организацијата на завршниот турнир.

Пионерите на Куманово на Ф4 турнирот стигнаа откако одиграа одлично во својата група, забележаа 12 победи на исто толку натпревари. Куманово беше во група со екипите Бисинов, Тиквеш, Вардар Неготино, Текстилец, Радовиш и КЛ7 од Свети Николе. Во четвртфиналето како домаќини играа со Скопје и Куманово победи со 18-16.

Тренерот на пионерите на Куманово, Миодраг Јовановиќ – Црни, е задоволен од прикажаната игра на неговите избраници во досегашниот тек од сезоната истакнувајќи дека пласманот на завршницата во пионерска конкуренција е голем успех за клубот.

,,Самите очекувавме да се бориме и да обезбедиме место на Ф4 турнирот во пионерска, но и во кадетска конкуренција. Самиот пласман меѓу најдобрите четири екипи е еден од најголемите успеси на Куманово. Сепак, патот не беше така лесен, иако завршивме со 100% ефект, имавме 12 победи на толку натпревари. Екипите против нас покажаа голем отпор, можам да кажам дека имавме лесен почеток, но како што одминуваше времето се беше потешко, но бевме сигурни дека ќе се бориме на завршницата од пионерска категорија. Стигнавме да се бориме за медал и нема лесно да се предадеме. Нашата цел е да освоиме еден од медалите на Ф4 турнирот. Треба да напоменам дека самиот пласман меѓу најдобрите четири екипи е голем успех за нашиот клуб. Одиме чекор по чекор и се надеваме дека достојно ќе се претставиме в недела”, вели Јовановски.

Пионерите на Куманово покрај тренинзите во својот град имаа подготвителен период во Дојран. Јовановиќ истакнува дека токму подготовките одиграа голема улога во постигнатиот успех.

,,Искрено, првите два дуели на почетокот од сезоната, против Тикеш и Текстилец едвај ги добивме. Како одминуваше времето игравме сѐ подобро. За направениот успех голема улога имаше и времето поминато во Дојран каде што бевме на подготовки. Токму подготовките добро им дојдоа на ракометарите и после престојот во Дојран им се зголеми мотивацијата и самодовербата, па така секој следен наш ривал немаше некакви шанси пртоив нас.

БЕВМЕ ВИСТИНСКА МАШИНЕРИЈА

За да се стигне до Ф4 треба квалитет, многу работа. Куманово има добра генерација на ракометари, но сепак за сѐ треба и хемија.

„Можам да кажам дека клучот за успехот е големата дружба на дечињата, го посакуваа овој успех, редовно тренираа, се посветуваа максимално на секој тренинг, беа дисциплинирани, ја слушаа секоја позитивна критика и сето тоа даде резултат. Редовно тренираат и учат секој ден некои нови работи, горд сум на нив за направениот успех. Остваривме 12 победи и мислам дека во нашата група бевме права машинерија, смета Јовановски.

Ривал на Куманово во полуфиналето на Ф4 турнирот ќе биде екипата на Аеродром, која е организатор на завршницата.

,,Мислам дека екипата на Аеродром е една од подобрите во пионерска конкуренција. Ние ќе се бориме до самиот крај, па нека победи подобриот. За нас мислам дека сме аутсајдери, но нема да се предадеме. Доколку нашиот голман е на ниво, а нашите крила бидат незапирливи од контри, на сите екипи лошо им се пишува. Секоја екипа која ќе настапи на Ф4 турнирот е квалитетна, затоа е меѓу најдобрите кај пионерите. Ќе биде интересно, но пак ќе напоменам, одиме до крај, ќе се бориме со сите сили и се надевам на позитивен резултат во Скопје”.


ФАВОРИТИ СЕ АЕРОДРОМ И ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР

Јовановиќ смета дека Куманово не е меѓу фаворитите, барем не на хартија. Таа улога им ја препушта на други два тима.

,,Екипите на Аеродром и Еурофарм Пелистер се фаворити на овој Ф4, барем на хартија. Но, сѐ е можно, и Куманово, но и Голдем Арт имаат свои квалитети во тимот. Во нашата екипа има дечиња кои се генерација 2008, но има и помлади, некои отскокнуваат, но времето ќе покаже кој играч какви квалитети поседува. Благодарение на домаќинската работа на управата ракометот во Куманово почнува да се консолидира, и до овој момент одлично се работи со младите категории, имаме достојни услови и само така нека се продолжи”.

Ф4 турнирот кај пионерите ќе се одржи на 7 мај во Скопје, поточно во малата сала во СЦ „Јане Сандански”.

Полуфинални парови

  • 10:30 часот МРК Куманово – РК Аеродром
  • 12:30 часот РК Голден Арт КЛ7 – РК Еурофарм Пелистер
  • 17:00 часот натпревар за 3-то место
  • 18:45 часот финале

Ланската година титулата во пионерска категорија ја освои екипата на Бисинов, која во финалето славеше над Струга со 21:18.