Можеби не брилираше на гостувањето во Луксембург, но Македонија се враќа со цел плен откако победи со 28-23. Најважни се бодовите и поволната позиција која Македонија ја води на нов континентален собир, се останато ќе го заборавиме и препуштиме на анализа на стручниот штаб.
Повратникот во репрезентативниот дрес, левиот бек на Вардар Филип Талески беше најуспешен македонски голгетер на теренот со 8 постигнати голови. Тој истакна дека подолгата клупа и ангажманот во вториот дел биле пресудни за победникот на овој дуел.
Филип Талески, лев бек, Македонија:
Ни беше значајна оваа победа, победивме и тоа е најважно. Во првото полувреме игравме слабо во одбраната, но по паузата бевме многу поконцентрирани и посилни во нападот и одбраната. Имавме повеќе опции од клупата и тоа беше клучот за успех. Сега играме дома против Турција за конечно да резервираме билет за Германија. Желни сме да го добиеме и овој натпревар.
Македонија го игра последниот дуел од квалификациите за Европското првенство 2024 во „Борис Трајковски“, а пред домашната публика ќе ја пречека репрезентацијата на Турција. Македонија од првиот дуел во Турција има предност од девет голови. Дуелот е закажан за 30 април, со почеток од 18 часот.