Екипата на Струга, која во продолжението од Супер лигата ќе игра во плеј-аут фазата, денес стартуваше со подготовките за вториот дел од натпреварувачката сезона 2022/23.
Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски на денешната прозивка не можеше да смета на четворицата интернационалци – Дејан Рикановиќ, Петар Бугариновиќ, Урош Лазаревиќ и Богдан Ѓуровиќ.
Сите четворица играчи ќе му се приклучат на тимот во текот на утрешниот ден, така што ростерот на играчи со кој ќе располага Ферукоски, засега останува непроменет, со исклучок на заминувањето на Велко Маркоски.
Како што е веќе познато, искусниот дефанзивец во продолжението од сезоната ќе настапува за актуелниот шампион на Македонија, Вардар.
Струга во плеј-аут фазата ќе игра против екипите на Прилеп, Вардар Неготино, Радовиш, Куманово, Јуниор КВ, Скопје и Голден Арт.