Ракометарите на Јуниор КВ во натпревар од 17. коло во Првата машка лига беа убедливи против Текстилец со резултат 31:23. На овој натпревар беше досуден само еден седмерец, тоа се случи во 53. минута кога судиите Трајковски и Вукашиновски му доделија пенал на составот од Штип.
Фенерџијата од Групата Б покажа солиден отпор во првото полувреме. Домаќините до 20. минута никако не можеа да го скршат отпорот на противникот. Иако, стартот на натпреварот делуваше дека домаќинот ќе има лесна задача при водство од 3:0, сепак во следниот период Текстилец рамноправно се носеше со фаворизираниот состав.
До 20. минута, односно до 10:10, се играше во егал. Во последните десет минути од првото полувреме, Јуниор КВ направи серија од 4:0, се одлепи на 14:10 и на пауза замина со предност од 16:12.
Гостинскиот состав од Штип во второто полувреме со четири гола во низа се врати во игра, намали на 17:15 откако Јуниор КВ имаше сериозна предност од 17:12. Тоа беше причина Чокрев во 37. минута да побара тајм-аут.
Советите од домашна клупа вродија со плод. Домаќините ги казнија грешките на противникот и дојдоа до плус пет, 20:15. Тоа беше одлучувачкиот момент на натпреварот бидејќи до самиот крај Текстилец не можеше ниту да следи, ниту да се надева на пресврт.
Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од Текстилец, Васе Петров со 11 постигнати погодоци. Во победничката екипа листата на стрелци беше предводена од Дарио Симоноски со пет погодоци.