Томовски: Лазаров добро нè познава, ќе знае да го извлече најдоброто од нас

Новиот селектор Кире Лазаров денеска ја имаше првата прозивка со националниот тим пред двомечот со светскиот првак Данска од квалификациите за ЕП. На списокот има 23 ракометари, од кои дел не беа присутни на првата прозивка поради клупски обврски.

Еден од голманите на кои Лазаров сериозно смета е Мартин Томовски. Тој брани во одлична форма во Бундес лигата и вели дека мора да се исправат сите работи што не беа добри во Египет.

„Знаеме која е Данска, светски првак два пати по ред. Нивниот квалитет е огромен, но сепак мислам дека фокусот треба да биде на нас и да не даваме толку значење на нивниот квалитет и да ставиме акцент на нашата игра и промените во неа. Да дадеме се од себе, да почнеме да ги менуваме работите и да ја поправиме сликата од Мундијалот. Тоа беше само едно лошо првенство. Верувам дека сите играчи анализирале посебно, гледале дел од натпреварите и се надевам дека ќе ги исправиме сите грешки во иднина за да немаме непосакувани ситуации“, вели Томовски.

Голманот посочи што фалеше на репрезентацијата на дуелите од Мундијалот во Египет.

„Мислам дека фалеше жар, концентрација, треба повеќе внимание да имаме на физичката и психичката подготвеност. Ракометот е динамичен спорт и треба да го менуваме нашиот концепт и да се однесуваме како сите други европски репрезентации“, продолжи Томовски.

Тој верува дека новиот селектор ќе може да го извлече најдоброто од сите ракометари.

„Верувам дека Лазаров ќе донесе промени во националниот тим, лично за мене тоа е во ред, му посакувам среќа, добро не познава и верувам дека ќе може да го извлече најдоброто од нас“, заврши Томовски.

Првиот меч со Данска се игра на 11 март во Скопје од 20:00 часот, додека на 14 март е вториот двобој во Алборг од 16:00 часот.