Средниот бек Марио Танкоски ја продолжи соработката со тимот на Еурофарм Пелистер до 2025 година.
Танкоски вели дека довербата од тренерот Ларс Валтер имала клучна улога во потписот на новиот договор.
„Овој нов договор претставува континуитет, се надевам, на мои добри настапи во Битола и во Еурофарм Пелистер. Две години ме шетаа во тимот, но оваа година го најдов правиот начин на игра. Играм солидно, уште не сум во формата во која бев пред да дојдам тука, но останувам и среќен сум поради таа одлука. Довербата од стручниот штаб и тренерот е на високо ниво и тоа е многу важно за мене. Во ова продолжување на договорот улога играше желбата на тренерот да останам тука. Нема подобро нешто од доверба од стручниот штаб, имам слобода, самодоверба и тоа за мене е од големо значење“, вели Танкоски.
Битолчани оваа сезона играат на три фронта – домашните натпреварувања, Лигата на Европа и СЕХА лигата.
„Оваа пролет ќе биде многу тешка, играме на три фронта: Европа, СЕХА лига и домашно првенство и шансите за титула се 50-50% со Вардар. Гледам тие донесоа нови играчи, се засилија и нема да биде лесно да се освои титулата. Сепак, тоа е наша примарна цел – прво титула во домашното првенство, па во Купот“, заврши Танкоски.
Исто така и данскиот стратег Валтер е задоволен од продолжувањето на договорот со Танкоски
„Многу сум среќен што го продолживме договорот со Марио, игра добра сезона и моментално е трет најдобар асистент во Европската лига и го сметам за најдобар плејмејкер во Македонија. Можеме да бидеме само среќни со овој потпис. Неговиот стил се вклопува со моите сфаќања како сакам да играм ракомет. Секојдневно напорно работи, професионален е и носи нешто ново на тимот и тоа ни е потребно“, вели Валтер.
Битолчани ќе бидат на подготовки во Србија пред стартот на натпреварите во СЕХА лигата.
„Уште не сме на нивото на кое треба да бидеме, заостануваме со рекуперацијата на повредените. Суси не е на нивото на кое треба да биде, бавно напредува, но на вистински пат е. Имаме важни предизвици во овој период, тренираат со нас Павле Петровиќ и Петар Атанасијевиќ и ќе ни помогнат, посебно со Петар во одбраната. Тренинг процесот се одвива добро, сите напорно работат, тестовите се одлични и гледам напредок од работата минатата недела. Сè оди по планот“, заврши Валтер.