Овој викенд ќе стартуваат натпреварите од вториот дел од сезоната во македонската елита, односно ќе започне разигрувањето за титулата, како и битката за опстанок.
Екипата на Струга, која не успеа да обезбеди настап во плеј-оф фазата, утре гостува во Скопје кај истоимената екипа во рамки од првото коло од плеј-аутот.
Струга во утрешниот дуел против Скопје ќе биде ослабена со неиграњето на десниот бек Урош Лазаревиќ поради повреда, а тимот по првиот дел од сезоната го напуштија Велко Маркоски (Вардар) и Бобан Блажески, кој ја заврши кариерата.
Во пресрет на утрешниот натпревар против екипата на Скопје, тренерот на Струга, Жарко Ферукоски потенцираше дека најголемата опасност на ривалот доаѓа од десниот бек Жарко Барјактаревиќ, додека дополнителен проблем може да биде и голманот Никола Радовановиќ.
„Утре не очекува тежок дуел на гостувањето во Скопје. Иако ќе бидеме ослабени откако од клубот си заминаа Маркоски и Блажески, сепак, мислам дека сме фаворити на овој меч и фаворитската улога ќе треба да ја оправдаме на теренот. Се работи за ривал, кој претежно е составен од млади и квалитетни ракометари, надополнет со искусниот Барјактаревиќ, кој дел од кариерата го мина во Струга и одлично ја познава нашата екипа. Воедно, тој заедно со голманот Никола Радовановиќ се носители во тимот на Скопје. Во натпреварите од првиот дел од сезоната Скопје покажа дека знае да одигра одлично против поквалитетни тимови, па така очекувам да има добар дуел, со голема борба на двете страни”, изјави Ферукоски.
Тренерот на Струга смета неговиот тим ќе обезбеди опстанок во Супер лигата.
„Ние одигравме неколку пријателски натпревари, задоволен сум од формата на играчите и мислам дека ќе обезбедиме опстанок, за кој ќе треба повеќе да се потрудиме, со оглед на тоа дека сега секој може да победи секого. Очекувам од моите ракометари да го дадат максимумот и победнички да си заминеме од Скопје. Првиот натпревар е секогаш важен, за подигање на самодовербата, особено за помладите играчи”, заврши Ферукоски.
Еден од клучните играчи во тимот на Струга, средниот бек Петар Бугариновиќ очекува неизвесен дуел на првиот меч.
„Сите со нетрпение го очекуваме првиот натпревар, возбудени сме многу. Со Скопје се сретнавме на турнирот на турнирот во Прилеп и тие тогаш беа подобри од нас.. Одиме во Скопје да се надигруваме, па ќе видиме што ќе се случи. Иако тие се домаќини, сепак, ништо не мора да значи тоа, ништо не се знае. Малку ми е криво што во однос на првиот дел од сезоната ќе бидеме ослабени. Маркоски замина во Вардар, капитенот Блажески повеќе не е во екипата, додека Лазаревиќ е повреден. Очекувам добра игра од двете страни, тоа ќе биде прв натпревар во плеј-аут фатата и двете екипи ќе бидат желни за добар резултат. Се надевам дека публиката ќе ужива на трибините во квалитетен ракомет”, изјави Бугариновиќ.
Српскиот интернационалец истакна дека и покрај заминувањето на неколку играчи, неговиот тим не би требало да има големи проблеми во плеј-аут фазата.
„Мислам дека првите четири екипи во нашата група беа заслужено пред нас, тие го имаат тој квалитет за плеј-оф натпреварувањето повеќе од нас, сѐ друго што требаше добивме, освен едно домашно реми со Прилеп. Вториот дел од сезоната ја започнуваме веќе утре со малку ослабен состав, но мислам дека нема да биде некој голем проблем за нас”, заврши Бугариновиќ.
Стружани во плеј-аутот заедно со екипата на Голден Арт пренесоа три бода, кои ќе бидат од големо значење во борбата за задржување на суперлигашкиот статус.
Натпреварот меѓу Скопје и Струга се игра утре, со почеток од 14:30 часот во спортската сала ,,Форца”. Влезот за сите љубители е слободен.