Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!
Тимот на Вардар е најтрофејниот на Струшкиот турнир со 13 титули досега, пред Еурофарм Пелистер, кој досега има 12 освоени трофеи на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај Женска плажа.
Со многу промени во споредбата со минатата сезона, вардарци ќе се обидат да го повторат минатогодишниот успех и да ја зголемат колекцијата на трофеи од традиционалниот турнир. На местото на Давид Дејвис седна неговиот асистент Владо Недановски, кој ќе го има првиот предизвик како прв тренер на некоја екипа.
„Трениравме околу две седмици, повеќе на физичќки план. Задоволен сум од залагањето на играчите. За тактичкиот дел ќе видиме сега на турниот во Струга бидејќи тоа ќе бидат нашите први натпревари. Знам дека е тоа одличен турнир, секогаш има добри екипи. За овој период е добро што настапуваме таму да видиме каде сме со формата и да ја темпираме токму за дуелот со Нексе. Во Струга ќе бидеме комплетни играчки”, изјави Недановски.
Вардар во Струга ќе настапи во група со Алкалоид, Бутел и Целје, а предводникот на „црвено-црните“ смета дека сите екипи имаат свои квалитети.
„Алкалоид е млад, но амбициозен клуб со многу добри млади и неколку поискусни репрезентативци на Македонија, додека екипата на Бутел, која во изминатата сезона заврши на 3. позиција во домашниот шампионат, игра добар ракомет. Целје и во последните години е расадник на млади играчи. За фаворит не можам да истакнам некоја екипа бидејќи составите на сите екипи се изменети во однос на минатата сезона. Целите во домашниот шампионат остануваат исти – одбрана на дуплата круна”, заврши Недановски.
Еден од главните играчи на Вардар, Филип Талески очекува дека со неговите соиграчи повторно ќе го освојат трофејот на Струшкиот турнир
„Очекувањата на Вардар се истите, а тоа е освојување на Струшкиот турнир, кој оваа година има јубилеј и ќе биде исклучително од големо значење за секоја екипа. Екипата на Вардар, моментално, е во одлична работна атмосфера, без никакви повреди и нашиот тим секогаш настапува со најдобриот состав и секогаш оди на победа. На Струшкиот турнир сум учествувал повеќе пати и со две екипи. Овој настан, кој трае со години е еден од најдобрите турнири во Европа и секако дека е корисен за секоја екипа во текот на подготовките”, изјави Талески
Левиот бек истакна дека против секоја екипа на Струшкиот турнир ќе треба да се даде максимумот.
„Ме радува тоа што ова година има повеќе странски, но и домашни екипи, екипи со многу добар квалитет. Нашата група ќе биде доста интересна и ќе биде уживање за сите љубители што ќе бидат присутни на отвореното игралиште. За фаворит на турнирот ќе кажам дека тоа е секогаш Вардар. Но, оваа година има квалитетни екипи против кои ќе мора да се избориме на терен доколку го сакаме трофејот во наши раце. Малку е комплицирана ситуацијата поради неиграњето во Лигата на шампионите. Вардар секогаш сака да биде шампион на Македонија и освојувач на Купот. Тие две титули ни се главна цел, а потоа и влегувањето на Ф4 турнирот во СЕХА лигата”, заврши Талески”, заврши Талески.
СТРУГА 2022: Вардар – ланскиот освојувач доаѓа по одбрана на трофејот
Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.