Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!
Поранешниот голман на Струга, Славчо Каланоски, кој во минатато бил инволвиран како директен учесник на меѓунарорниот турнир што годинава прославува 50 години постоење, подоцна бил и еден од организаторите на турнирот, па судија, а сега делегат. Од неговите сами почетоци е дел од турнирот, па е еден од оние што знае многу анегдоти, занимливости и интересни детали околу организирањето и функционирањето на самиот турнир.
Струшкиот турнир е единствениот во Европа, кој се игра на отворено и тоа го прави поразличен и посебен од другите. Имало мечеви што морале да се играат и на дожд, некои екипи самите се канеле и доаѓале, а низ Струга продефилирале и многу шампиони на своите држави, па и сакути кои тука барале нови ѕвезди. За разлика од сега во минатото тешко се стигнувало до странските екипи.
За Каланоски, турнирот во Струга буди посебни емоции, позитивни сеќавања и како што вели “Струшкиот турнир има посебна специфичност, да се игра на отворено што е сосема поразлично, а странските екипи го даваат ’шлагот на тортата’ и го прават турнирот поквалитетен”.
Струшкиот турнир првото издание го имаше во 1973 година и за кратко време прерасна во меѓународен турнир на кој учествувале голем број странски екипи, познати ракометни имиња, тренери, европски шампиони… Во минатото, посебно во 80-те години, ни најмалку не било лесно да се остваруваат контакти со екипи надвор од Македонија.
Каланоски има искуство и во организацијата на турнирот и направи паралела како се одвивале работите во минатото во поглед на организацијата, кога интернет воопшто не постоеше, а како во денешно време, со новите технологии кога може лесно да се оствари контакт со секоја екипа.
„Во минатото, посебно во 80-те години беше многу тешко да донесеме екипа од западот. Затоа, најчесто гостуваа екипи од Источна Европа. Тогаш поканите ги праќавме преку телеграми, се јавувавме по фирмите, кои му беа спонзори на клубот да ни дадат негов контакт, се снаоѓавме на различни начини. Екипите од западот, посебно германските и француските тимови беа недопирливи за нас во тоа време. За учество на македонски клубови, воопшто немавме никаков проблем. Во сегашно време многу лесно можеш да оствариш контакт, интернетот е достапен до секој, па така немаше никаков проблем во поновата историја”, изјави Каланоски.
Бидејќи турнирот во Струга се игра на отворено, некогаш се случувало екипите да играат и на дожд, но во последните две децении доколку има временски непогоди, тогаш екипите се селат во салата во Струга и играат на затворено.
„Во времето на поранешна Југославија секако дека сме се соочувале со проблеми при временски непогоди. Тогаш немавме алтернатива, односно план Б за вакви ситуации, некогаш екипите мораа да играат на дожд. Се сеќавам дека некогашниот шампион на Европа – Металопластика Шабац во Струга еден натпревар одигра на дожд, тој натпревар беше пренесуван на југословенската радио телевизија и не беше ни за очи ни за публика поради времето (се смее). Сепак, сега за вакви ситуации имаме алтернатива”.
Германските екипи сѐ уште остануваат желба на организаторите на Струшкиот турнир, но Каланоски се надева дека еден ден ќе биде во можност да гледа некој германски бундеслигаш.
„Како што кажав, тешко доаѓавме до соработка со екипи од Германија. Но, затоа на турнирот учествуваше една Металопластика, еден Борац Бања Лука, па конкуренцијата беше голема и со самото тоа се играа поквалитетни натпревари. Се обидовме да го донесеме Гумерзбах, кој на времето беше еден од најдобрите клубови во Германија и Европа, но е многу тешко”. Се надевам дека еден ден ќе гледаме некоја екипа од Германија”.
На отвореното игралиште гостувале некогашните европски прваци Металопластика Шабац, Динамо Букурешт, Борац Бања Лука, Вардар и Целје, потоа екипи како ПИК Сегед (кој тогаш го носеше името Волан Сегед), своевремено силната екипа Славија Прага, Бањик Карвина, па ПСЖ, а во поново време француските Тулуз, Кретеј и Шарт, потоа шведскиот Алингсас, романската Констанца, турскиот Бешикташ, а за јубилејното 50. издание беа испратени покани и до поранешниот европски шампион Келце и до унгарскиот гигант Веспрем, кои, сепак, нема да дојдат во Македонија бидејќи една година поранo го испланирале календарот за месец август.
„За оваа година покани беа испратено до Келце и Веспрем, но бидејќи тие веќе имаат организирано пријателски натпревари во овој период, мораа да ја одбијат понудата. Сепак, на ова 50. јубилејно издание очекувам да има многу квалитетни натпревари, познато е со какви состави ќе настапат екипите и Струшкиот турнир е едно големо загревање за сите македонски екипи пред старот на новата сезона, бидејќи македонскиот шампионат веќе започнува на 3/4 септември. Овие натпревари за екипите од Македонија ќе бидат еден тест за формата, физичката подготвеност, да се види кој играч колку може и колку е подготвен за предизвикот…”
Екипата на Металопластика Шабац, којa во сезона 1985/86 година ја освои титулата во Лига на шампионите, на Каланоски му оставила најголем впечаток од учесниците кои учествувале во минатото. За екипите, кои ќе учествуваат на годинешното јубилејно 50. издание имаше пофални зборови.
„Можам да кажам дека Металопластика Шабац беше вистинска професионална екипа. На секоја позиција имаше квалитетни играчи. Беа вистински професионалци во секој поглед, имаше голема хемија меѓу играчите, голема дисциплина и успешна стратегија, па затоа беа и шампиони на Европа. Екипите како Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел, кои ќе учествуваат и оваа година се вистински професионални екипи. На времето, за тогашните услови, Металопластика Шабац беа незаменливи и посебни и беа број еден за мене”.
Екипата на Железничар Ниш од Србија на еден од Струшките турнири направила голема збрка со самоволното појавување како учесник.
„Се има случено екипа на турнирот да дојде буквално 5 до 12, односно од автобус директно на терен. Тоа беше Железничар Ниш од Србија кој не беше планиран за учество на турнирот. Раководството на клубот не контактираше телефонски дека доаѓаат и дека ќе учествуваат на Струшкиот турнир, што би се рекло народски ”Ние доаѓаме, вие мислете му ја”. Дојдоа на отворањето на турнирот, се сеќавам дека автобусот го паркираа покрај игралиштето. И така, место шест екипи, добивме учество со седум екипи, па мораше да се менува целиот распоред на турнирот и саатниците. Екипата од Ниш речиси секогаш доаѓаше во Струга и секогаш први пристигнуваа”.
Според Каланоски, за домаќинот Струга, како и за членовите на овој клуб, секогаш е императив да се игра против силни и поквалитетни противници на турнирот во нивна организација.
„Струга е специфичен спортски град. Ракометот е најпопуларен спорт во Струга и на секој член на ракометниот клуб Струга желба му е да настапи на Струшкиот турнир, кој за нив претставува чекор плус во нивната кариера, бидејќи собираат огромно искуство, играат против далеку поквалитетни домашни и странски екипи. Секој стружанец, кој влегол во ракометните води сонува(л) да игра на овој турнир. Голема е честа и задоволството за секој ракометар да се најде меѓу учесниците на овој турнир”, вели Каланоски, кој на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир заедно со Камер Металари, Душко Камишевски и Марјан Огњановски ќе бидат делегатите задолжени за регуларноста на натпреварите”.
Доказ за популарноста на меѓународниот турнир во Струга е посетеноста и од страна на ракометните менаџери и скаути. Тука се бараат новите ракометни ѕвезди, а Каланоски е среќен што за многу играчи токму Струга претставувала почетокот на нивната блеската кариера. Така ќе биде и во иднина, зашто Струга е место каде шанса добиваат сите и место каде мајсторите ги покажуваат своите вештини.
Од 16 до 20 август ќе се одржи 50. издание на традиционалниот Струшки турнир кој го носи името на „Вангел Баљукоски – Баљук“. Традиционално турнирот има меѓународен карактер и годинава ќе учествуваат и два поранешни европски прваци, Вардар и Целје од Словенија. Тие ќе бидат дел од вкупно осумте екипи што ќе се борат за трофејот. Во Струга ќе се појават и домаќинот Струга, повеќекратниот македонски првак Еурофарм Пелистер, Бутел и новиот суперлигаш Алкалоид. Од странските екипи покрај Целје, годинава ќе допатуваат и АЕК Атина и Татран Прешов.
Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.
Јубилеј 50 години „Струга 2022“: Се за најдолговечниот и најуникатниот ракометен турнир
СТРУГА 2022: Јованоски – Ретко кој може да се пофали со традицијата што ја има Струшкиот турнир