СТРУГА 2020: Кастратовиќ – Еурофарм Пелистер беше цврст ривал, со тек на време ќе бидеме подобри

Екипата на Металург загуби на стартот на струшкиот турнир против Еурофарм Пелистер, а овој пораз значеше и губење на битката за првото место во групата и место во финалето. Според тоа битолчани се во пол позиција и се очекува да играат за трофејот против Вардар в недела.

За синоќешната средба, тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ вечи дека одиграле добар натпревар против цврст ривал и дека после овој дуел ќе може да се крева нивото на формата.

„Одигравме натпревар против цврст противник. Екипата на Еурофарм Пелистер покажа цврстина и во нападот и во одбраната. Ова беше шанса за повеќето ракометари да настапат, а за сите беше прв натпревар, а се виде дека играме против квалитетен противник. Тактиката не ни беше во преден план бидејќи уште немаме доволно работено. Сепак, одигравме коректно. Имавме некои технички грешки, но мислам дека тоа беше плод на замор од напорните тренинзи“, изјави Кастратовиќ после натпреварот.

Тој смета дека играчите се покажале добро на кондициски план и дека успеале да одработат добра средба во овој дел така што сега знае каде ќе треба да се поправа.

„Се виде дека не заостануваме на тркачки план во однос на противникот. Генерално имавме неколкупати и приклучок за да дојдеме до нерешен резултат. Имавме напади, но не ги искористивме. Сепак, од она што го видов постои простор за напредок и како ќе поминува времето мислам дека и така ќе се крева нивото на нашата форма. Она што ни останува е тоа да го донесеме до ниво во кое ќе можеме да ја оствариме нашата цел за оваа есен односно пласманот во групната фаза од Лигата на Европа“.

Во играта имаше некои добри моменти во делот на одбраната, но имаше дел во нападот каде не одеше најдобро.

„Moжеби ќе делува чудно, но на моменти кога бевме со играч помалку одбраната беше на ниво. Искусните играчи во одбрана одиграа поангажирано и успеваа да ги запрат нападите на противникот. Сепак, она што не беше на ниво се некои работи во нападот, а тука пред сè мислам на нападот во ситуации кога имавме ракометар повеќе на терен. Немавме квалитетна реализација од надворешни позиции и четири обиди во ситуација кога шутиравме на празен гол и не реализиравме“, изјави Кастратовиќ.

Следите два меча тимот на Металург ги има денеска и утре, а во сабота ќе следува одмор. Денеска ривал е составот на Прилеп од 19:15 часот, а утре следува дуел против Струга од 17:15 часот.