Кадетската репрезентација на Македонија го имаше првиот собир пред големиот предизвик што ќе го има ова лето на ЕХФ шампионатот во Летонија.
По три дена тренинзи, селекцијата на Раде Стојановиќ, одигра и пријателски натпревар против Бутел Скопје во чест на Марко Божиновски и го доби со убедливи 33-19.
Стојановиќ вели дека сме на добар пат со оваа генерација.
„Можам слободно да кажам дека имаме одлични ракометари од генерацијата 2004. Ова е моментален состав на репрезентацијата, ќе конкурираат повеќе ракометари, како што можевте да забележите на списокот имаше повеќе од 50 играчи, имаме квалитет и само со добра работа, мислам дека сме на добар пат“.
Дел од овие момци немаа акција со националниот тим поради пандемијата, бидејќи некои натпреварувања беа откажани. Стојановиќ смета дека и покрај тоа, ракометарите се на солидно ниво.
„Треба да им се даде благодарност на сите тренери што работат во младинските категории и со овие деца. Тие се заслужни што децата одржуваат и се на доста солидно ниво и покрај долгата пауза“.
Македонија ја очекува настап на ЕХФ шампионатот во Летонија, од каде ќе може да се обезбеди место на ЕП.
„Нема лесна група за нас, бидејќи нашата цел е освојување на едно од првите две места на ЕХФ шампионатот и мислам дека целта е остварлива со овој потенцијал на играчи да се пласираме на ЕП“, заврши Стојановиќ.
Македонија ќе игра во група со Турција, Косово и домаќинот Летонија.