Словенија во налет кон полуфинале на ЕП, Хрватките на колена во Љубљана!

Селекцијата на Словенија ја продолжува трката за полуфинале на Европското првенство, откако славеше против Хрватска со 26-18.

Избраничките на Драган Аџиќ тргнаа силовито и поведоа со 4-0, но Хрватска полека се враќаше во игра. Пијевиќ бранеше одлично, а кружниот напаѓач Дебелиќ лесно се снаоѓаше со словенечката одбрана и беше 7-7 по петнаесетина минути игра.

Во финишот на првиот дел, Хрватска водеше со 12-11, но Блажевиќ промаши два пати, па Лазовиќ и Клеменчиќ казнија за словенечко водство на пауза, 13-12.

Клучниот период на мечот се случи на стартот на второто полувреме кога Хрватките постигнаа само еден гол до 49. минута. За тоа време словенечкиот состав погодуваше од сите позиции, ниту Капитановиќ ниту Пијевиќ не беа моќни да ги бранат тие удари.

Шоштариќ се обиде со ротација на ракометарките да направи нешто повеќе,повика и два тајм-аути, но немаше ниту време ниту мотив. Најдобри стрелци во словенечката селекција беа Грос со седум и Љепоја со пет гола, додека кај Хрватска се истакна Блажевиќ со пет погодоци.

Сега Словенките имаат 4 бода и ја продолжуваат борбата за првите две места и полуфиналето на ЕП.