Македонскиот шампион Ѓорче Петров денес го игра реванш дуелот против Јарослав во рамки од осминафиналето во Европскиот Куп. На првиот натпревар, кој беше одигран вчера, избраничките на Симе Симовски триумфираа со еден гол разлика, 27:26.
На Ѓорче Петров во денешната средба му одговара и нерешен резултат за да продолжи во следната фаза во третото по ранг европско натпреварување. Доколку Ѓорче Петров успее да го елиминира незгодниот состав од Полска, тогаш ќе направи историски успех и ќе обезбеди пласман во четвртфиналето на Европскиот Куп.
Тренерот на Ѓорче Петров, Симе Симовски за вечерашниот дуел истакна дека двата табора имаат подеднакви шанси за победа. Предводникот на македонскиот шампион за реваншот против Јарослав очекува поддршка од трибините во спортската сала „Автокоманда“.
„Шансите за денешниот реванш дуел се 50-50. Доколку одиграме со срце и имаме самодоверба, мислам дека мотивацијата ќе биде пресудна. Голем хендикеп за нас се повредите на Емилијана Ризоска и Мила Ѓорѓиевска. Сезонскиот грип си го направи своето, речиси сите ракометарки го поминаа грипот, имавме потешкотии во одржувањето на тренинзи поради отсуствата. Тимот на Јарослав е поискусна екипа, на секоја позиција имаат по две искусни ракометарки, кои можат да организират игра, да нападнат, да истрчаат во контра…Нивните две крила ни направија голем проблем на вчерашниот натпревар и ќе се обидеме да ги запреме денес. Голема благодарност до сите навивачи за вчерашната поддршка во Автокоманда, би сакал денес љубители на ракометот и сите симпатизери на Ѓорче Петров да дојдат во поголем број и на крај заедно да се радуваме на победа”, изјави Симовски.
Една од клучните играчи во Ѓорче Петров, левото крило Анастасија Николовска се надева на поволен резултат против тимот од Полска.
„Јарослав се искусна екипа, добри противници и денес не очекува еден неизвесен натпревар. Нашиот тим е во мал хендикеп поради повреди, но подготвен за една битка на теренот. Доколку останеме фокусирани, ги намалиме техничките грешки, односно да одржиме една цврстина во одбраната, бидејќи тоа ни е најсилниот адут, сметам дека имаме шанси да го добиеме тимот од Полска. За натпревар од ваква важност многу е битна поддршката од трибините, навивачите да го кренат гласот и да ни дадат голема мотивација на денешниот натпревар”, изјави Николовска.
Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Јарослав ќе се одигра со почеток од 18:00 часот во спортската сала ,,Автокоманда”. Влезот за сите заинтересирани е слободен. Подобриот од овој двобој ќе обезбеди пласман во четвртфиналето во Европскиот Куп.