Сите првенства низ Европа се прекинати поради коронавирусот, а така беше и во првенството на Унгарија, каде што настапува поранешната голамнка на Вардар Амандин Лејно. Ракометарките на Ѓер се распуштени до 24 јуни кога би требало да продолжат со тренинзи и подготовки за следната сезона и завршниот турнир во ЛШ.
Французинката во пресрет на продолжувањето со тренинзи на екипите ги истакна своите краткорочни и долгорочни цели. Во овој момент во прв план ќе биде подготовката за фајнал форот кој треба да се одигра на почетокот на септември.
„Првенството во Унгарија заврши без победник што за нас е фрустрирачки бидејќи бевме на првата позиција на табелата. Мојата следна цел е завршниот турнир во Лигата на шампионите на почетокот на септември. Некои играчи ќе го напуштат клубот, но има и нови ракометарки кои ќе ни се приклучат и ќе бидат дел од фајнал форот. Сето ова е малку чудно, не се осудувам да си поставам долгорочни цели кои нема да можам да ги исполнам. Сакав после Олимпијадата во Токио да се откажам од репрезентацијата но таа е одложена“, рече Лејно.
Амандин Лејно од наредната сезона требаше да започне да работи како тренер на голманите во Ѓер и да биде трета опција доколку е потребно да помогне на голот. Сепак после случувањата со одложени натпревари неизвесно е кога ќе започне со новата работа со оглед на што таа веќе се подготвува да брани на завршниот турнир кој ќе се игра кога вообичаено започнува новата сезона.