Сагосен: Два фајнал-фора и Олимписки игри во една сезона – што е многу, многу е!

Најдобриот ракометар од Норвешка и најдобриот стрелец на последното Европско првенство, Сандер Сагосен уште еднаш ја критикуваше одлуката на ЕХФ завршниот турнир до Лигата на шампионите да се игра кон крајот на август.

По овие критики ЕХФ веќе размислува за нов календар и ќе се обиде да го усогласи со барањата на сите инволвирани.

„Според моето мислење, логично е сезоната да ја завршиме сега, а потоа да размислуваме за наредната сезона. Тешко е да играте а да знаете дека ќе мора да оставите сè без завршена работа. Дали треба да играме два фајнал фора во една сезона? Дали треба да се бориме за две титули и покрај тоа да играме и на Олимписки игри? Сето тоа во една сезона?“, коментираше Сагосен за норвешката ТВ2.

Сандер Сагосен од 1 јули треба дресот на ПСЖ да го замени со оној на Кил и евентуалното одржување на завршниот турнир во август ќе го оневозможи да игра со екипата со која цела сезона се бореше да стигне до завршниот турнир.