Репрезентацијата на Македонија во последното 3. коло од групната фаза на Европското првенство беше поразена од Романија со 31:23 и го заврши настапот на континенталниот собир. Романија со денешната победа обезбеди пласман во главната фаза, односно место меѓу 12-те најдобри репрезентации на Европското првенство.
Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски истакна дека промашените зицери од чисти позиции биле клучниот фактор за поразот на денешниот натпревар со Романија.
,,Јас сум сосема свесен за тоа што ме критикуваат што има многу кадети во репрезентацијата. Тие се квалитетни кадети и јас во нив гледам шанса македонската женска репрезентација во догледно време, за брз период да направи еден тим од 15-16 играчи, кои што ќе може да парираат и да ги менувате секогаш бидејќи концентрацијата на играчите падна поради преголема потрошувачка. Се обидовме со неколку измени, но измените не вродија со плод. Правеа грешки, морав да ги извадам, па повторно да ги ставам.Сакавме да победиме, ние бевме спремни да победиме бидејќи играме тука, ваква публика заслужува да победиме. Срцето беше големо и видовте колку зицери промашивме и мислам дека тоа го одлучи натпреварот. Да имавме приклучок или да бевме блиску како во првото полувреме, сигурно ќе беше друга приказната. После екипата паѓа, нормално е тоа, нивната екипа е во занос, трчаат побрзо, ние се браниме, а гледаме дека е седум-осум разлика. Веќе паѓа моралот на екипата, мислам дека го изгубивме ритамот баш во тие моменти кога се промашија тие зицери, шутеви од шест метри, отворен простор… Имавме и други грешки, немавме идеја со деснорак десен бек. Ние со послаби репрезентации можеме да играме, игравме добро оваа година, но не знам што се случи. Овие подготовки, овие натпревари играме послабо со деснорак играч. Се обидовме и со Кипријановска, која игра во Франција, заслужува внимание, јас никогаш нема да се откажам од неа, таа е млада, има 20 години, сака да покаже, но очигледно не можеше да даде во тој момент кога требаше да дадеме една инекција. На крајот знаете ги пуштивме кадетите тие последни три четири минути, мора да влезат и да почуствуваат, тие се надеж на македонскиот ракомет.Не сум многу разочаран бидејќи мислам дека наидовме на силни противници, поианку ќе беше да имавме послаби противници од другите групи. Вклучувајќи ја и Романија кај која ќе ги видиме резултатите понатаму, но за Холандија и посебно за Франција мислам дека ќе бидат едни од фаворитите за прво место.”, изјави Савевски.
Искусниот стратег изјави дека некои репрезентативки на подготовките се појавиле физички неподготвени, причина поради која се менуваат и тренинзите на подготвителниот период, но најави 24/7 работа и разговор со сите клубови за Македонија да го врати стариот сјај на женскиот ракомет.Ако треба да се сумира во тоа што е најдобро што можеше да се види од настапот на оваа репрезентација, селекторот Савевски вели:
,,Најдобро е што се собравме, што имавме 10-12 дена подготовки, најдобро е што имаме вака тешки натпревари и најдобро е што можеме да видиме кој што може. Овие се врвни екипи и гледаме сега: дали играчки, дали дисциплината, дали давање од себе…Некои работи, се случија исто како со кадетките, и овде се случуваат. Еднаш во животот можеби ќе играат Европско првенство, неколкумина девојки дојдоа неподготвени, физички неподготвени… Тоа е нивен сонот, да играат на Европско првенство … Требаше да тренираат цело година сами ако треба, со личен тренер, да дојдат физички подготвени, а не да тренираме тие 12 дена со кондициски тренер. Од тој аспект сум малку разочаран, дека амбициите не им се такви какви што треба. Ние им даваме шанса, се обидуваме да ги подигнеме. Пет кадети имаше во оваа репрезентација, три-четири јуниори… никој немаше таква шанса. но мора и тие да дадат повеќе од себе. Ме прозиваат околу кадетите и пионерите. За кадетите ме прозиваа и за Ива Младеновска, зошто ја земав на кадетската репрезентација, а испадна најдобар играч на тој турнир. Има уште неколку млади играчи кои може да се вметнат, но треба многу работа. Еве гледате каков е изборот на играчите на Холандија, Франција, Романија, ние имаме многу мал број на играчи, кои можат да се натпреваруваат на вакви натпреварувања. Во странство ни остануваат уште две-три ракометарки кои можеби можат да ни помогнат нешто, но не се од калибарот на Неагу или младите играчи на Франција. Ќе се обидеме да работиме ден и ноќ, ќе разговараме и со клубовите кои се од Македонија а даваат репрезентативки . Единствен спас е да влезиме во една беспрекорна работа со сите категории, кои ќе се натпреваруваат во квалификациите за Светско првенство како и на младинско и кадетско Европско првенство. Без тоа, ако дозволиме само во клубовите да се работи, нема да имаме успех. Во клубовите немаат конкуренција и не можат да направат добар тренинг меѓу себе. Можат два на два, три на три, четири на четири, повеќе не може од тоа, ние со репрезентацијата можеме да го направиме тоа. Ако успееме во тоа, ако имаме сериозни и квалитетни планови и визии за иднината ќе направиме нешто. Јас сум на чело на овој проект до септември потоа ќе видиме. Јас се надевам дека може да успееме на квалификациите на Светското првенство и на европските првенства што ќе биде многу тешко, тогаш ќе имаме една репрезентација од 20 ракометарки кои ќе продолжат да работат така…Ги познавам квалитетите на сите играчи кои играат во странство, има играчи кои играат добро во домашното првенство, но моето размислување е дека не можат да играат и сум убеден дека не можат да играат со вакви репрезентации, со ваков квалитет. Сега ќе видиме во европските натпреварувања во кои играат нашите клубови, но тоа не е тоа ниво. Нас ни е потребно да играме Лига шампиони, потребно е да играм во квалитетни натпреварувања за да можат и ракометарките да напредуваат. Ќе се обидеме, ќе повикаме неколку други, тоа се три до четири играчи кои се можеби тука некаде блиску до овие кои сега се во репрезентација, не сум убеден дека можат да настапуваат на високо ниво, но сметам дека можеби треба да добијат шанса, заврши Савевски.
Македонија веќе напролет во 2023 ќе ги започне квалификациите за настап на Светското првенство.