Ракометарите на Пролет ја продолжија победничката серија во Суперлигата, откако ја совладаа жилавата екипа на Скопје со 35-30. Домашниот тренер Лембанов го почна мечот со дел од ракометарите што имаат помала минутажа, но во текот на дуелот шанса добија сите. Иако имаа падови во играта, домаќините ја оправдаа довербата, а гостинската екипа и покрај негативата од шест беше упорна и во ниту еден момент не се предаде.
Гостите диктираа темпо од стартот водеа со 3-1, имаа и плус три, 8-5, но тогаш како да застанаа. Снемаа идеја во нападот, Пролет постигна неколку лесни погодоци и за кратко направи комплетен пресврт, 9-8. Кузманоски повика тајм-аут, Скопје играше во егал уште некое време до 13-12, а потоа уште една серија на домашните од пет гола, која ги однесе на плус шест, 18-12. Мишевски го прекина постот од шест минути без гол на гостите за 18-13 на пауза.
По пет минути игра во вториот дел момците на Алексо Лембанов дојдоа до највисоките плус седум гола, 22-15, но тогаш имаше мал пад во нивната игра. Тоа го искористија гостите, кои со головите на Чакалиќ и Мишевски се доближија на 22-20. Во продолжение Пролет преку Џонов ја диплираше предноста, 25-21, но гостите беа упорни и најавија возбудувања во финишот. На десетина минути до крајот со играч помалку намалија на 29-28 со голот на Мишевски.
Но следуваше брзо примен гол, потоа грешка во нападот и Пролет казни за 31-28. Кузманоски реагираше со тајм-аут, но немаше ефект. Пролет во еден момент остана со двајца играчи помалку на терен, но и тогаш Скопје не погоди, па веќе беше доцна за пресврт или нешто повеќе за гостите на овој натпревар.
Пецаковски и Џонов беа најдобри во домашниот тим со по шест гола, а пет постигна Додевски, додека кај Скопје се истакна Мишевски со десет погодоци. Пролет со овие бодови сега има 32 на второто место и ќе чека кикс на Еурофарм Пелистер во Кавадарци за во меѓусебен дуел да решаваат во Битола за првото место. Скопје останува на 5 бода и ќе се бори со Радовиш во директна битка за шестото место во групата, кое носи 2 бода во плеј-аутот.