По ракометарите од Србија, Хрватска, Русија, Украина, Словенија, Франција.... во тимот на Металург сезонава првпат ќе игра и играч од Турција. Сините од Автокоманда иако решија да не настапуваат во Лига Европа се засилуваат само за домашната лига очекувајќи враќање на тимот во Топ-2 со што ќе се вратат на меѓународна сцена, најмалку во СЕХА лигата.
Веќе неколку денови ракометарите на Металург се на подготовки во Маврово, а сега таму им се приклучи и Халил Озтурк. Уште вчера 24ракомет го најави трансферот на Озтурк во Металург и неговото доаѓање. Тој игра на позицијата лев – среден бек и треба да биде надополнување, но и засилување со оглед на тоа што од ланскиот состав заминаа и Калуѓеровиќ и Тарабокија.
Турција не важи за ракометна земја, иако имаше повеќе обиди да се направи клучниот исчекор, па и Бешикташ настапуваше пред некоја сезона во групната фаза од ЛШ. Сега повеќе внимание се посветува на женскиот ракомет.
Озтурк веќе ги облече тренинг маичките со амблемот на Металург и е видно среќен што ќе го има својот прв меѓународен настап, и тоа во „европски клуб“.
“Многу сум возбуден што дојдов во голем клуб како Металург. За првпат сум надвор од Турција, овде со европски клуб и сакам да имам успеси. Тренерот е многу заинтересиран за мене, и тимот е многу добар. Ќе се трудам да дадам максимум и желба ми е да одговорам на барањата на тренерот. Ќе видиме како ќе биде. Важно е да работам, да дадам максимум и да одговорам на барањата на тренерот. Иван е многу добар тренер, покажува интерес за мене од првиот ден. Му благодарам за тоа“, вели Халил Озтурк.
Тој ќе биде првиот турски играч во машката лига во Македонија. Претходно во женскиот тим на Кометал ЃП настапуваа две ракометарки, средниот бек Озел и пивотменот Гонџа.
„Јас сум прв турски играч во Македонија во машкото првенство. Ако имам успех и ако помине сè добро, тоа може да биде и убаво искуство што ќе се сподели со младите играчи, може да биде и убав избор“, вели Озтурк.
За разлика од познавањата на нашите ракометари за турските клубови, Озтурк потврди дека знае доста за македонскиот ракомет, пред сè за Вардар и Еурофарм Пелистер. Сега ќе треба повеќе да се вклопи во тимот на Металург.
„Ќе направам сè што е во моја моќ. Иван како тренер тоа го бара. Невозможни работи нема. Од почетокот се разбравме дека треба да почекаме до крајот да видиме како ќе биде. Сè што е во моја моќ јас ќе направам во тимот на Металург“, вели Озтурк.
Првиот контролен меч Металург го игра вечерва во Скопје против Вардар. Неизвесно е дали Озтурк ќе биде во составот, но повеќе од сигурно е дека ќе патува за Струга на турнирот на кој е пријавен скопскиот тим, и каде ќе настапат шест екипи, сите од Македонија.
Металург има ново засилување, ангажираше лев бек од шампионот на Турција (ФОТО)