Ракометарите на Текстилец во рамки од 8.коло во плеј-аут групата од Првата лига забележаа убедлива победа против екипата на Шампион со 35:23.
Домаќините 60 минути ја диктираа играта на терен, а водството во воведниот дел од 5:0, беше јасен знак дека составот на Слободан Чивлачки ќе има тешка задача во дуелот.
Резултатската предност на Текстилец во првите 30 минути се зголемуваше од минута во минута. Со искористување на речиси секоја грешка на гостите од Скопје, домаќините на полувреме заминаа со предност од девет гола разлика, 19:10.
Текстилец во вториот дел продолжи со исто темпо, дојде до највисоко водство од 14 гола разлика, 28:14, и до самиот крај рутински ја одработи задачата.
Најефикасен во победничката екипа беше Васе Петров со 11 гола, додека Милисав Петров шестпати се запиша во листата на стрелци. Кај Шампион се истакна Христијан Сибиновски со пет погодоци.