Српскиот вицепрвак Партизан е вториот ривал на Вардар во новата сезона од регионалната СЕХА лига.
Тренерот на Партизан, Дарио Кржељ, очекува неговите играчи да покажат карактер и да победат во Скопје.
„Секогаш е предизвик да се игра против екипи од регионот и со нетрпение го очекуваме нашиот натпревар во Скопје. На секој натпревар ќе се очекува да играме на високо ниво, особено на домашен терен. Вардар е познато име во светот на ракометот, екипа со голема историја. Очекувам квалитетен натпревар и се надевам дека моите играчи ќе покажат карактер, ќе бидат сконцентрирани и ќе победат“, изјави Кржељ.
Левиот бек Никола Зечевиќ го почитува Вардар, но се надева дека ќе освојат бодови во Скопје.
„Добро се подготвивме за овој натпревар и ќе се обидеме да му откинеме бодови на Вардар. Имаме почит кон нив, тоа е шампион на Македонија и тим со квалитетни поединци. Тимскиот дух и младоста ќе бидат нашите адути. Се надеваме дека ќе играме пред полна сала, бидејќи знаеме дека Македонците се големи љубители на ракометот. Ако победиме, тоа ќе биде одлична увертира во втората полусезона во српската лига“, изјави Зечевиќ.
Натпреварот меѓу Вардар и Партизан се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.