Ракометарите на Охрид продолжуваат да ја темпираат формата пред натпреварите во плеј-иф фазата каде ќе се борат за излез на европска сцена, односно за пласман меѓу најдобрите четири екипи во најквалитетното натпреварување во Македонија.
Избраниците на Горан Андоновски по турнејата која ја имаа во Србија, денес на свој терен одиграа пријателски натпревар против екипата на Куманово, која во продолжението од сезоната ќе игра во плеј-аут фазата.
Охриѓани против Куманово триумфираа со убедлив резултат од 27:17. Предводени од крилните играчи, новото засилување Гал Цирар, и капитенот Крсте Андоновски, ракометарите на Охрид на пауза заминаа со предност од 12:8, додека во вторите 30 минути имаа поубедливо издание за висок триумф.
Цирар го предводеше Охрид со осум гола, додека Крсте Андоновски имаше пет реализации. Одличен на голот кај Охрид беше Александар Миленковиќ, кој забележа 12 одбрани за само едно полувреме.
Претходно Охрид одигра пријателски дуел со Партизан и Црвена Ѕвезда. Македонскиот суперлигаш во дуелот против сехалигашот Партизан триумфираше со 28:26, а во дуелот со Црвеба Ѕвезда доживеа пораз од 35:34.
Охрид во плеј-оф фазата ќе игра со екипите на Бутел, Алкалоид, Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет, Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2.