Охрид триумфираше против Вардар во пријателски натпревар

Ракометарите на Охрид прославија минимална победа над двократниот европски првак Вардар од 27-26, иако на полувремето имаа негатива од два гола, 14-12.

Вардарци поведоа со 5-2 на стартот, а имаа и плус четири, 10-6, но избраниците на Стевче Алушовски со три гола во серија се вратија на минус еден, 10-9. Во првиот дел сигурен на голот беше Мартин Томовски и токму со неговите одбрани Вардар се одржуваше во предност.

Првото израмнување беше на стартот на вториот дел, 14-14, и потоа се играше најчесто гол за гол. Во тој период голманот на Охрид, Бркиќ имаше неколку успешни интервенции кои му овозможија на тимот да дојде и до првото водство. Во 45 минута избраниците на Стевче Алушовски имаа резултат 20-19.

Беше неизвесно до самиот крај, Вардар последен пат водеше со 26-25, но до крајот  момците на Владо Недановски не погодија.

Следуваа два гола по ред на Охрид за 27-26, вардарци не го реализираа последниот напад и охриѓани ја задржаа топката до истекот на времето.

Цирар и Шешиќ беа најдобри со по седум гола кај Охрид, додека кај Вардар со исто толку се истакна Петриќ.

Следен предизвик за Вардар ќе биде турнирот во Струга, додека Охрид ќе се подготвува за меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“.