Охрид не се откажува од намерата да има конкурентен тим и за следната сезона, и меѓу новите имиња што в година ќе играа во „Билјанини Извори“ ќе има и двајца играчи што неодамна станаа шампиони на Македонија.
Се зголемува и бројот на Македонци во тимот, и наскоро потпис на договор со „рибарите“ треба да стават левото крило Гоце Ојлески и специјалистот за одбрана Милорад Кукоски. И двајцата потекнуваат од познатат струшка школа на ракометот, и се калеа, собираа искуство и постигнуваа добри резултати низ повеќе клубови.
Двајцата неколку сезони настапуваа за Еурофарм Пелистер, и пред неколку дена ги добија медалите за шампионската титула, прва во Битола по 18 години. Ојлески и Кукоски, имаат богато иксутсво зад себе во повеќе клубови во Македонија, и сега ќе имаат нов предизвик, и мотив за докажување, и секако да му помогнат на тимот од Охрид да биде во самиот врв на табелата.
Охридскиот тим ги склопува коцките и верува дека ќе има екипа со која ќе атакува не само за плеј-офот, туку и за повисок пласман од сегашниот. Со Ојлески и Кукоски би се пополниле местата за кои клубот смета дека се дефицитарни. Костурот на тимот во Охрид останува, а новите засилувања треба да донесат „нова вредност, прецизна рака и силна одбрана“.
Претходно во Охрид се согласија да дојдат и грузискиот репрезентативец Теимураз Орјоникидзе кој игра на позиција на лев бек, кој ќе му прави друштво на Хрватот Звонимир Сафранко. Охрид се засили и со двајца голмани, Македонецот Даниел Ѓорѓески кој се враќа од печалба од Унгарија, и перспективниот голман од БиХ, Берин Бркиќ (19).
Има уште неколку енигми што Охрид треба да ги реши, со што ќе има чиста слика пред почетокот на подготовките за новата сезона.
Даниел Ѓорѓески се враќа дома – ќе игра за Охрид следната сезона
Охрид веќе работи за следната сезона – донесе хрватски лев бек!
Охрид носи репрезентативец – Грузиецот Орјоникидзе пред потпис!