Ракометарите на Охрид имаа успешна полусезона, откако успеаја да се пласираат во плеј-оф фазата во Суперлигата.
Избраниците на Горан Андоновски во група со екипите на Вардар, Алкалоид, Бутел Скопје, Струга, Прилеп, Вардар Неготино и Куманово, завршија на четвртата позиција, со биланс од осум победи, едно реми и пет порази.
Охриѓани имаа и успешен настап во првата фаза од Купот на Македонија, така што целите на клубот за првиот дел од сезоната се веќе остварени.
Тренерот на Охрид, Горан Андоновски, кој сезонава после пауза од три години повторно се врати на тренерското столче на охридскиот тим е задоволен од сработеното во регуларниот дел од Суперлигата.
„Сигурно дека е многу тешко во услови кога има финансиски јаки клубови како што се Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Бутел, Пролет, да составиш нова екипа од која си заминаа сите играчи од претходните две-три години, сепак заедно со управата успеавме да склопиме тим. Навистина сакавме во нашите редови покрај Даниел Андоновски, тука да бидат и Мартин Ивановски, Михаил Ивановски кои се од охридската школа да ги вратиме во Охрид, меѓутоа не успеавме. Се трудевме во текот на летната пауза и успеавме да составиме тим кој повторно покажа дека може да се натпреварува со сите клубови во Македонија. Имавме една добра полусезона во која ја остваривме целта, а тоа е пласман во плеј-офот. Имавме два добри натпревари против шампионот Вардар во кој бевме рамноправни до самиот крај. Сигурно дека можевме да земеме и некое повисоко место од ова четврто, меѓутоа болни беа за нас поразите на гостувањето во Бутел и двата натпревари со Алкалоид. Со неколку бодови од тие три дуели секако дека би биле погоре, меѓутоа тоа е што е. Најважно е што на ниту еден натпревар не бевме надиграни, туку прикажавме една допадлива игра и без ниту една дамка ја остваривме првичната цел, а тоа е пласман во плеј-офот“, вели Андоновски во разговорот за 24Ракомет.
Спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески истакнува дека целта на клубот е излез на европска сцена.
„Нашата првична цел ја остваривме, тоа е влез во плеј-офот, а сега чекор по чекор, го знаеме распоредот, ќе атакуваме на четвртото место за да имаме излез во европските натпреварувања. Плеј-офот никогаш не бил појак во историјата на македонскиот ракомет, сите осум екипи се врвни екипи, со одлични играчи, со добри буџети и секој натпревар ќе биде дерби. Нема да биде лесно, но со макотрпна работа, со добри тренинзи, добри подготовки, чекор по чекор, натпревар по натпревар ќе се подготвуваме да ја оствариме таа цел. Ова е нов проект на ГРК Охрид, ние најавивме борба за Европа, и тоа ни е зацртана цел за следните две години, затоа и играчите ни се потпишани на минимум две години. Сепак ние ќе направиме се што е во наша моќ, за и оваа сезона да дојдеме до таа цел“, вели спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески.
Стратегот на Охрид, моментално со раководството на клубот се фокусирани на засилување на екипата пред претстојните предизвици кои ги носи плеј-офот за кои велат дека ќе биде најсилниот и највозбудливиот во историјата на македонскиот ракомет.
„Јас никогаш како тренер не се предавам, со клубот имам договор од две години, меѓутоа јас не би бил Горан Андоновски ако не се надевам дека уште во првава година ќе изборам пласман во Европа, таков оптимизам внесувам кај играчите. Многу е битно како ќе ја освежиме сега екипата во зимскиот преоден период, како ќе се подготвиме, да не одминат повреди и секако дека атакуваме на тие места на табелата. Јас како што реков, не се плашам од никого, ниту од Еурофарм, ниту од Вардар, секој секого може да победи и покрај тоа што сме ние далеку од тие две екипи. Повторно ќе напоменам, освен тие две екипи, другите сме рамноправни. Им ветувам на Охрид и охридската публика дека нема да играме епизодна улога во плеј-офот како претходните години и дека докрај ќе се бориме за место во Европа“, додава Андоновски.
Ристески смета дека со прикажани резултати на првиот тим кои долги години е при врвот на македонскиот ракомет, но и со резултатите на младинските категории, Охрид заслужува да има репрезентативци во било која категорија.
„Веќе шест-седум години од Охрид нема репрезентативец. Не ја знам причината за тоа, но доколку еден тим е во врвот константно и бележи добри резултати во сите категории, посебно оваа година пионери, кадети и младинци, буквално сме на врвот на македонскиот ракомет, тоа значи дека треба да има многу репрезентативци од ГРК Охрид во секоја категорија. Штета што не се повикани Владимир Наумоски и Николче Ристески за за младинската репрезентација, јас мислам дека нивниот квалитет ќе допринесеше Македонија да оди само погоре, но тоа е одлука на стручен штаб. Ние ќе продолжиме да работиме макотрпно со младинските категории, а резултатите во тие категории сами по себе ќе си дојдат“, истакна Ристески.
Истото мислење го дели и Андоновски, кој е разочаран поради игнорирањето на играчите од сениорскиот тим, но и од младинските категории.
„Пред три години кога бев тренер на Охрид и кога бевме вицешампиони на Македонија во младинска категорија и кога наши играчи, и покрај тоа што во првичната седморка имавме тројца, ниту еден не беше земен за младинска, кадетска репрезентација. Еве повторно се случува истото и навистина сум длабоко разочаран што Даниел Андоновски не е повикан барем во поширокиот состав за сениорската репрезентација на Македонија. Исто така сум разочаран што и еден Владимир Наумовски и Николче Ристески покажуваат одлични игри во младинските категории, а не се земени во состав на младинската репрезентација“, вели Андоновски.
Во првиот дел од сезоната на неколку натпревари Андоновски им пружи солидна шанса на младите ракометари кои потекнуваат од младите категории. Исто така и управата со неколку потези покажа дека смета на нив како на извор од кои ќе се црпат нови играчи за првиот тим. Уште од самиот почеток новата управа ги спои сите ракометни школи во градот и РК Сани 14 со Охрид, со што има околу 80 деца во тренажен процес во пионерска, младинска и кадетска категорија. Дополнително на подготовки со првиот тим се земаат по неколку играчи од помладите категории, со што Охрид покажува дека сериозно смета на нив.
„Наша цел е, на новата управа, моја, и на стручниот штаб, да немаме по седум странци во екипата на Охрид, туку за 3-4 години, да имаме 7-8 играчи од Охрид, а максимум само 4 странци да донесеме, на тие позиции каде што не можеме да создадеме играчи од Охрид. Тоа е наша цел и мислам дека почнавме да ја остваруваме и ќе ја оствариме. Веќе ги имаме Крсте Андоновски, Иван Тасески, Даниел Андоновски, а тука се и Владимир Наумовски, Николче Ристески, Шипинкоски, кои тропаат на вратата на првиот тим и се надевам дека со ваква работа ќе се појават и други деца и ќе го заземат местото во првиот тим“, изјави Андоновски.
Она што беше евидентно во првиот дел од сезоната е изостанувањето на навивачката група „Рибари“ од трибините. И покрај тоа што салата беше солидно исполнета на секој натпревар кој Охрид го играше на домашен терен, се чини како да фалеше нивното навивање и давање поддршка за ракометарите во моментите на пад и криза во играта. Сепак според најавите се очекува нивно враќање за натпреварите од плеј-офот.
„Јас мислам и убеден сум дека ќе имаме голема поддршка од „Рибарите“ во плеј-офот и заедно со останатата охридска публика, салата „Билјанини извори“ ќе е преполна, ќе следиме добри натпревари, ќе уживаме во ракометот и ќе се радуваме на многу победи и успеси“, истакна Ристески во разговорот за 24Ракомет.
Охрид во плеј-оф фазата ќе игра со екипите на Вардар, Алкалоид, Еурофарм Пелистер, Пролет, Еурофарм Пелистер 2, Бутел Скопје и Тиквеш. Охриѓани во разигрувањето за титулата ќе стартуваат без бодови.