Триото репрезентативци – Михаил Аларов, Томислав Јагуриновски и Иван Џонов во зимскиот преоден рок заминаа од составот на Пролет.
Десниот бек и пивотот го засилија Вардар, додека Џонов се пресели во новиот суперлигаш Алкалоид.
Од Пролет им посакаа среќа во новите средини и објавија соопштение во кое велат дека нивното заминување не значи ‘пропаст’ за клубот.
„Ракометниот клуб Пролет официјално го потврдува заминувањето на тројцата македонски репрезентативци, Михаил Аларов и Томи Јагуриновски ја продолжуваат кариерата во дресот на Вардар, додека Иван Џонов од февруари го облекува дресот на Алкалоид. Станува збор за клубови кои го препознаа квалитетот на нашите ракометари и покажаа согласност да исплатат соодветна отштета за нивните трансфери уште во текот на зимава, потег што е за поздравување и што треба да биде тренд во мак-ракометот и во иднина.
Џонов и Аларов се ракометари кои се производ на ракометната школа на Пролет, кои преку добрите игри за нашиот клуб стигнаа и до репрезентативниот дрес, додека Јагуриновски пристигна од Исланд, се наметна како еден од лидерите на тимот и беше меѓу најзаслужните за освоеното второ место во групната фаза од Супер-лигата.
Сакаме да ставиме до знаење дека заминувањето на тројца првотимци не значи и „пропаст“ за клубот, кој останува цврсто на своите зацртани цели и клупски политики – секогаш шанса да добиваат домашните играчи, а предност да имаат оние кои се производ на младинската школа на нашата екипа. Во тој правец, потпишани беа нови договори со Тотиќ, Димковски и со Стојановски, ракометари кои веќе остварија одлични резултати со кадетската репрезентација на Македонија и очекуваме во ист стил да продолжат и на клупски план, во дресот на Пролет.
Сведоци сме дека ова е период во кој е многу полесно да купиш „половен“ готов продукт од странство отколку да произведеш нешто свое, но Пролет секогаш бил и ќе биде доследен на тоа – македонските играчи да бидат приоритет во македонскиот шампионат, како единствен начин за уште поголем развој на ракометот во нашата земја.
Клубот е исклучително стабилен на финансиски план и подготвен за предизвиците што му претстојат, со подмладен состав што подобро да се претстави во претстојниот плејоф, а потоа од новата сезона да атакува на висок пласман.
На Иван Џонов, Михаил Аларов и на Томи Јагуриновски им посакуваме многу среќа и успех во ангажманот во новите клубови, воедно и им изразуваме благодарност за сето она што го сторија носејќи го дресот на Пролет“, се вели во соопштението.
Пролет ќе стартува со два бода во разигрувањето за титулата во Суперлигата и ќе ја продолжи трката по место во европските купови.