Одбраната без жар, со минус пет на одмор против Шведска

Македонија има негатива од пет гола и резултат од 11:16 после првите 30 минути против составот на Шведска. Лошата одбрана каде што немаше доволно жар придонесе во овој период противникот да си создаде убава позитива.

Првите десет минути поминаа без цврстина во одбраната на Македонија. Многу лесно крилата и пивотот остануваа со простор за да добијат топка и да упатат шут така што имаа и лесна реализација.

Она што не беше добро во одбраната, сепак, беше добро во нападот, па се надоместуваше. Имаше погодоци, а имаше и две исклучувања за Швеѓаните уште во отворањето на овој дуел така што тука следуваше и подобар резултат.

Следуваа неколку одбрани на Никола Митревски, па Македонија влезе во период во кој имаше нерешен резултат. Сепак, при 9:9 дојде до исклучување на Пешевски поради шут после прекин на игра и тука дојде до најлошиот период. Неколку минути без погодок придонесоа за Шведска да дојде до 14:9 во 22. минута.

Oва беше период на нетрпеливост и недисциплина во играта. Се брзаше премногу и место да се одигра тактички мирно се форсираше што водеше кон губење на ритамот.

Конечно лошата серија ја прекина Лазаров со гол од седум метри, но повторно одбраната не ја заврши задачата, па Шведска си ја одржуваше предноста од пет гола без проблеми.

На одмор се замина со 11:16, па во вториот дел ќе биде многу тешко да се надомести оваа негатива и да се фати приклучок.

Лазаров со четири гола е најефикасен во првите 30 минути, додека Стоилов и Поповски погодија по двапати. По еден гол имаа Кузмановски, Пешевски и Кузманоски.